Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Граѓаните ќе се изгорат на оданочените пелети

Само врз основа на зголемениот ДДВ, граѓаните ќе треба да платат дополнителни 7.000 денари за грејната сезона и ако се додадат трошоците од зголемениот ДДВ на струјата, јасно е дека зимава ќе бидат во голем минус.

Владата отстапи од својот став дека пелетите се еколошко гориво и реши да им го зголеми данокот, па ако пратениците се согласат со неа, наесен ова гориво ќе добие ДДВ од 18 наместо од 5 отсто како досега. И тоа се случува во моментот кога сѐ уште има општини што делат субвенции за печки на пелети, следејќи ја државната политика што траеше до лани. Граѓаните се збунети. Се прашуваат дали постапија правилно кога се ослободија од старите печки на дрва и на нафта и се втурнаа во трошок за набавка на нови еколошки грејни тела.

И производителите на пелети се најдоа во небрано. По најавата за промената на владината даночна политика, домаќините се растрчаа по складиштата за да ги пресретнат зголемените трошоци за греење, но нема гаранции дека ќе го добијат нарачаното. Само врз основа на зголемениот ДДВ ќе треба да платат дополнителни 7.000 денари за грејната сезона. Ако на тоа се додадат трошоците што ќе уследат од зголемениот ДДВ на струјата, јасно е дека оваа зима повторно нема да се спасиме од енормните трошоци за загревање на домовите. Во Македонија 40.000 домаќинства го прифатија овој вид гориво. И, што сега?

Лесно му беше на министерот за финансии Фатмир Бесими да каже дека зголемувањето нема да биде голем товар и дека ДДВ од 5 отсто било привремена мерка за да се отстранат другите загадувачи?! Тој дури им препорача на граѓаните да го сменат начинот на греење и да користат други, поповолни, ама не кажа кои! Да бевме земја богата со термални извори, препораката ќе беше во ред, но Македонија е сосема ограничена и со ресурси и со пари. Нема големо фајде и од соларните панели, кои за многумина се научна фантастика, а и по триесет години сѐ уште само зборуваме за предностите на природниот гас, но никако да го воведеме. Угоре високо, удолу длабоко…

Од Министерството за животна средина изразија несогласување со планот на нивните колеги од Финансии за скокот на 18 отсто ДДВ за пелетите. Ова поскапување е дел од новата деночна реформа, која чека да влезе во Собранието, но со европско знаменце. Од најголемата опозициска партија веќе се изјаснија дека со амандман ќе бараат данокот за овие производи да не се зголеми. Тие се повикаа на изјавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој ги повика пратениците да поднесат барање да остане ДДВ на 5 отсто. Сега останува да се види колку навистина пратениците се заинтересирани да им го олеснат животот на граѓаните.

Кога во 2020 година Владата излезе со став дека ќе се залага до 2024 година ниту една државна институција да не се грее со стари, нееколошки системи, а на граѓаните да им се олесни пристапот до најеколошките горива, сите се понадеваа дека идните решенија ќе бидат централно парно греење на гас, користење високоефикасни инвертер клима-уреди или топлотни пумпи. Во меѓувреме се случи најголемата енергетско-финансиска криза и цените на сите енергенси се вивнаа до небо. Кризата се смирува, цените на струјата одат дури и во минус, природниот гас поевтини и над 40 отсто, а цените на огревното дрво и на пелетите се на ланското ниво.

Ако Владата заборавила, да ја потсетиме дека пелетите се гранули направени од дрвен отпад: струготини пресувани под висок притисок, без никакви адитиви, лакови… Тие се во групата еколошки горива од биомаса. Пелетите важат за една од најдобрите замени за традиционалните (фосилни) горива, јагленот, гасот и нафтата, а интересот за нивно производство и употреба е поддржан од различни организации и влади. Последните три години пазарот на пелети многу динамично се развива во Шведска, Данска, Финска, Австрија, Германија, Италија, Канада и САД… Развој на пазарот на обновливи извори на гориво, вклучително и на пелети, беше една од обврските на Полска за пристапување во Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот