Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Граѓани реагираат: Внимавајте со апликацијата на ЈСП, може да останете и без пари и без билети

Некои патници што редовно користат градски автобуси се соочуваат со проблеми, а притоа, како што велат, не знаат каде да се обратат. Се жалат дека откако ќе купат онлајн билети, билетите воопшто ги нема на апликацијата или дека кодот не им се очитува на валидаторот.

Многумина граѓани што редовно користат автобуски превоз плаќаат билет преку апликацијата „Скопје бас“, која ЈСП „Скопје“ ја промовираше пред нецела година. За некои овој начин на плаќање е наједноставен – откако онлајн ќе се купи билет за 10 возења, потоа само телефонот се доближува под валидаторот, кој го регистрира плаќањето.

Всушност, со апликацијата требаше да се постигне токму тоа, да не се бараат билетарници за надополнување картичка, да не се грижат патниците како ќе обезбедат билет во недела или на празник кога билетарниците и другите продавници што ја вршат таа услуга не работат. Едноставно, во секое време секој да може онлајн да си набави билет.

Но, тоа би било така, доколку апликацијата редовно функционира како што треба. За жал, некои граѓани се соочуваат со проблеми, а притоа, како што велат, не знаат каде да се обратат за да им се реши проблемот. Се жалат дека откако ќе платат, билетите воопшто ги нема на апликацијата или дека кодот не им се очитува на валидаторот.

Надополнив преку апликација билет за десет возења и потоа како што е редот, требаше да ми стигне код, кој треба да се внесе за да може да се плаќа потоа во автобус. Кодот ми стигна по два дена, но џабе, повторно не можам да ги користам билетите затоа што штом го доближам телефонот до валидаторот, ми покажува дека кодот е невалиден. Парите ми ги земаа, билетите не можам да ги користам, а немам кај да се пожалам. Испратив имејл за да реагирам, затоа што на телефон никој не крева, но залудно, одговор немам – вели жителка на Ченто за „Слободен печат“.

Билет купен, кодот не се се генерира/ Фото: читател на „Слободен печат“

Таа се пожали дека за да може да се вози во автобус и да нема проблем со контролорите, морала да ја надополни и картичката „Скопска“ и дека всушност за апликацијата и за картичката платила 500 денари.

Бидејќи билетите од апликацијата не можам да ги користам, сега излегува дека двојно сум платила и дека едно возење ме чини 50 денари наместо 25. Срамно навистина, ако веќе имаат апликација, треба да се погрижат редовно да им функционира, а не да страдаме ние патниците. Притоа, навистина треба да се потранспарентни од ЈСП, а не да бидат недостапни за нас кои секојдневно ги користиме нивните автобуси – вели таа.

Дека јавното сообраќајно претпријатие е нетранспарентно, досега граѓаните многупати се увериле, но исто така и медиумите. И овој пат оттаму нема одговор на нашите прашања како да постапат граѓаните во ваков случај, кому да се обратат, затоа што парите им се платени, а не можат да ги користат билетите и дали имаат некаков проблем со апликацијата.

јсп читач/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

На нивната официјална веб-страница во делот за прашања, одговори и поплаки, многумина граѓани се соочуваат со ваков или сличен проблем.

Дополнував средства на „скопска“, која ја имам инсталирано на телефон, средствата се повлечени од сметката, но на состојба на картичката не ги покажува, односно ја има старата состојба. Ве молам за информација како да се коригира состојбата.

На апликацијата си ставив 250 денари и сумата стои во историја, но не ми ги покажува ни како кредит ни како купена карта. Како да ја добијам посакуваната услуга што ја платив?

Вчера купив виртуелна картичка, меѓутоа картата воопшто ја немам на мојата апликација, како воопшто да ја немам купено. Во самата историја ми стои забележено дека имам платено 250 денари, меѓутоа билетите ги нема. Како да го решам проблемот бидејќи на телефонскиот број 080015115 никој не се јавува, исто како и на другите броеви наведени на вашата страница?

Ова се само дел од реакциите на граѓаните, но со оглед на фактот дека нема информација кога се поставени прашањата, нејасно е дали тие се однесуваат на старата апликација или на новата што функционира од октомври 2024 година и со која требаше да се подобрат условите за наплата на граѓаните.

Граѓаните ќе почекаат за нови екоавтобуси, поништена е јавната набавка

На сите овие прашања од ЈСП кратко одговараат дека засегнатите за проблеми со мобилната апликација треба да пишат на [email protected]. Можеби овој податок некому ќе му помогне, кога веќе од претпријатието не сакаат да дадат никакво објаснување за граѓаните што ги користат нивните услуги и редовно плаќаат за нив.

Во последниот период редовните патници во градските автобуси забележуваат дека повторно во голем број автобуси, особено во приватните, не работат валидаторите на задната врата, што предизвикува дополнителен метеж во возилата затоа што луѓето треба да се пробиваат до предниот дел за да го валидираат билетот.

Се разбира, од ЈСП не одговараат зошто се исклучени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот