
Графичката уметност на Шќипе Мехмети ќе биде претставена со изложбата „Уметникот и градот“
Самостојна изложба со наслов „Уметникот и градот“ на м-р Шќипе Мехмети на 25 јуни, во 19:30 часот, ќе биде отворена во галеријата „Ко-Ра“ во салонот Зелен покрив на Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје.
Препорачано
Проектот на Мехмети е поддржан од Град Скопје и од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје во рамки на годишната програма по објавениот конкурс за финансирање проекти од областа на визуелните уметности, дизајнот и архитектурата.
Проектот има за цел да ја афирмира и графичката уметност, во која е уметницата м-р Шќипе Мехмети континуирано и активно присутна со многубројни самостојни изложби и резиденцијален престој во земјата и надвор, а воедно е и учесник во многубројни групни изложби и проекти од тематски ангажиран карактер.
– Изложбата ги афирмира нејзините дострели во графичката уметност во релација со современите медиуми, преку четириесетина остварувања, но воедно и нејзината посветеност кон аналитичките истражувања во областа на урбаната психологија, како и импактот на рецидивите на урбаното, граничните искушенија, осaмата и пандемијата врз човековото битие – истакнува Виолета Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Шќипе Мехмети е родена 1981 година, во Кичево. Во 2004 година дипломира на Факултет за ликовни уметности во Скопје на педагошки оддел со сликарство. Во 2007 година заврши постдипломски студии на графика на истиот факултет. Од 2000 година учествува на повеќе од 200 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Хрватска, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција.
Има реализирано 33 самостојни изложби во Кичево, Кавадарци, Велес, Скопје, Софија, Париз, Берлин, Нирнберг, Касел, Њујорк, Приштина, Висби, Истанбул, Бурса, Скадар и Цирих. Од 2005 година е член на ДЛУМ (Здружение на ликовни уметници на Македонија). Од 2010 година е член на Друштвото на уметници „Широка стаза“ во Земун, Србија, и од 2019 година е член на ИКОМ Македонија.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Гран-при (2018) од Министерството за култура на „17-ти Зимски салон“ во организација на ДЛУМ. Помеѓу 2005 и 2024 година присуствувала на различни уметнички резиденции во Косово, Србија, Бугарија, Малта, Андора, Франција и Македонија. Работи во Националната галерија на РС Македонија како конзерватор.