
„Градски паркинг“ ќе организира отворен ден за карпошани за зонското паркирање
Од претпријатието не соопштија колку ќе ги чини месечното паркирање вработените во фирмите, колку ќе чини час паркирање за граѓаните, ниту дали ќе има повластено користење за гостите на станарите.
Конечно, после еден месец од најавата дека во населбите Карпош 1 и Карпош 2 се воведува зонско паркирање, се огласи ЈП „Градски паркинг“ за да им објасни на жителите што се случува и каде треба да се пријават доколку спаѓаат во категоријата на станари или се вработени во фирмите на овој простор.
Препорачано
За подобра информираност на граѓаните, претпријатието дури ќе организира и отворен ден на 16 март, каде во периодот од 10 до 14 часот во канцеларија на улица Дрезденска, во непосредна близина на градскиот Катастар сите заинтересирани граѓани ќе можат да добијат дополнителни информации околу условите за паркирање и услугите кои ги нуди претпријатието.

Дури и Општина Карпош, по пишувањето на „Слободен печат“ дека во Карпош 1 не е обележано ниту едно паркинг место и дека се поставени табли со нецелосни информации, сподели фотографии за да покаже дека претпријатието конечно се фатило за работа. Па така, во дел од населбата почнале да се исцртуваат паркинг места, па дури е поставена и информативна табла, каква што има низ останатите делови на градот каде има зонско паркирање.
Со оглед на веќе започнатите активности за организирање на зонското паркирање на територијата на Општина Карпош ве известуваме дека во тек е поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација чија реализација е поврзана со временските прилики. Со воведувањето на организирано паркирање на територија на општината, целта е да се овозможат подобри услови за паркирање, полесен пристап до паркинг места, како и полесен проток на возила, а се овозможува паркирање на категориите корисници на претпријатието и корисници за час паркирање – информираа од „Градски паркинг“
Оттаму ги повикуваат сите заинтересирани граѓани барање со потребните документи секој работен ден од 8 до 22 часот и во сабота од 9 до 17 часот во канцеларијата во Карпош.
Притоа станарите кои се со адреса на живеење на зоната треба да достават лична карта и сообраќајна дозвола на име на барателот, а доколку возилото не е на име на барателот, потребно е да се достави полномошно за управување на возилото, со наведено сродство. Право на издавање полномошно имаат сопружници и родител- дете.
Зонското во Карпош ќе ги преполови местата за паркирање и ништо нема да реши, стравуваат граѓаните
Станарите кои живеат под кирија треба да го достават договор за закуп заверен на нотар, лична карта на барателот, сообраќајна дозвола на име на барателот или со полномошно за управување. Станарската дозвола ќе се издаде во времетраење на договорот за закуп.
Посебни документи треба за станарите со лична карта и/или сообраќајна дозвола, во процедура на издавање, за станарите со возило на лизинг, за оние со службено возило, како и за станарите со возило со странски регистерски таблички. Карпошани детално за потребните документи можат да се информираат на веб страната на јавното претпријатие, но секој од нив има право на бесплатно паркирање на две возила.

Барања за повластено користење на зонското паркирање можат да поднесат и вработени во фирми кои егзистираат на просторот опфатен со рехгилираното паркирање, како и физички лица што има потреба од користење на паркинг услугите на одредена зона.
Од ЈП “Градски паркинг“ не соопштија колку ќе ги чини месечното паркирање вработените во фирмите, колку ќе чини час паркирање за граѓаните, ниту дали ќе има повластено користење за гостите на станарите.
И најважно не соопштија дали веќе е започната наплата за паркирање во Kарпош 1 и 2.