
Градоначалникот Папазов засега не е осомничен во случајот со пожарот, велат од Обвинителството
Градоначалникот на Кочани во оставка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Папазов, е пуштен по денешниот распит од страна на Јавното обвинителство и тој засега нема статус на осомничен во истрагата околу трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во градот, во кој загинаа 59 млади луѓе, а 155 се повредени, информираат од Обвинителството.
Препорачано
„Извршен е распит на градоначалникот кој даде определени појаснувања и сознанија. Таквиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината, по што ќе биде донесена одлука за неговиот натамошен статус во постапката“, велат оттаму.
Папазов повеќе од цел ден по најголемата несреќа во историјата на Кочани и Македонија, не се појавуваше во јавноста, за денес, преку социјалните мрежи да соопшти дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата.
„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна! Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша Папазов во објавата.
Тој наведе и дека, доколку постои каков било основ за одговорност кај него, го повикува Обвинителството „да го испита тоа и да постапи согласно законите“.
Попладнево, гневни жители на Кочани кои протестираа во градот, го демолираа автомобилот на Папазов додека тој беше на распит, а со камења и други предмети ја гаѓаа неговата куќа.