Градоначалникот Коњановски: Губењето на мнозинството во Советот ја скрати програмата за Битолското културно лето
На денешната прес-конференција, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, се пожали дека со прегрупирањето на советниците во Советот и губењето на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ, едно што е сигурно е дека новото мнозинство нема да дозволи проширување на средствата потребни за реализација на сите планирани настани за Битолското културно лето „Битфест 2023“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Поради тоа, донесена е одлука да се скратат одредени културни и музички настани и годинашниот “Битфест” да се одржи со средствата превидени во областа на културата и одобрените средства од Советот.
-Уште од првиот ден на мојот мандат, покрај реализацијата на инфраструктурните проекти, со мојот тим ставивме акцент на враќање на културниот живот во Битола, поддршка на домашната културна сцена и афирмација на вистински културни вредности во градот. Големата поддршка на настаните беше наш мотив за нов концепт на Битолското културно лето, исклучителна Четвртоноемвриска програма, прекрасна зимска приказна со најдобар концепт истовремено овозможувајќи поддршка на бројни традиционални манифестации, реализирани преку културните институции во Општина Битола. Со тоа покажавме дека партиската припадност мора да биде настрана од културата. Годинава, на прагот на отворањето на 15. издание на Битолското културно лето соочени сме со бројни критики од страна на одредени советнички групи чии членови иако најчесто беа во првите редови на културните настани сепак, културата најмногу ја критикуваа и осудуваа. Тоа говори дека ваквиот пристап на Советот нема да дозволи проширување на средствата потребни за реализација на сите планирани настани за Битфест 2023 година, што значи дека Комисијата би се довела во непријатна ситуација на избор помеѓу приближно еднакво ниво на квалитет-рече на прес-конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Тој посочи дека продолжувајќи со транспарентноста и одговорноста према граѓаните и сите културни уметници и изведувачи како локална самоуправа одлучиле годинашниот концепт на “Битфест” да го реализираат во рамките на одобрените средства од Советот за култура.
-Тука посебно сакам да им се извинам на сите уметници кои покажаа интерес да настапат на Битолското културно лето, но недостатокот на поддршка од Советот, ги ограничува и финансиските ресурси кои Општината треба да ги издвои и реализира за високо квалитетните музичко сценски и уметнички настани, како и за дополнителна офф програма, што би значело фестивалска поддршка и за алтернативната сцена и младите уметници од нашиот град. Со овој концепт, верувам дека и ова лето повторно, сите заедно, културните институции од Битола и нашите изведувачи, ќе успееме да го задржиме вниманието на публиката, на големиот број гости кои ја посетуваат Битола во летниот период и сите заедно на крајот и на ова издание на “Битфест”, со суперлативи ќе зборуваме, за уште едно успешно издание, реализирано во доста тешки политички услови-рече Коњановски.
Инаку, годинашниот “Битфест” ќе стартува на 23 јуни во античкиот локалитет Хераклеја со спектакуларен настан насловен “Вива Верди” со повеќе од 130 учесници, симфонски оркестар, хор и оперски солисти.
На Битолското културно лето ќе се одржат и традиционалните манифестации “Солстис”, “Битола отворен град”, “Шекспир фестивалот”, “Локум фест”, “Незаборав” и “Илинденски денови”.


