Градоначалници/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Градоначалниците во трка за нов мандат заборавија дека општините живеат и пред изборите

Во моментов единствено нешто што се спроведува во повеќето општини се проекти за чија реализација се доделени владини пари. Сѐ друго се само концерти и разни други забавни настани каде што се собира народ и каде што градоначалниците можат да покажат колку се грижат за расположението на своите сограѓани.

Иако од почетокот на предизборната кампања нè делат повеќе од две недели, а од денот на одржувањето на локалните избори месец и пол, скопските актуелни градоначалници што ќе водат битка за нов градоначалнички мандат веќе наголемо се во кампања. Зафатени со ветувања што сѐ ќе им овозможат на граѓаните во своите општини во наредните четири години забораваат дека актуелниот мандат сѐ уште им тече и дека општините живеат и во овој период до изборите.

Во моментов единствено нешто што се спроведува во повеќето општини се проекти за чија реализација се доделени владини пари. Сѐ друго се само концерти и разни други забавни настани каде што се собира народ и каде што градоначалниците можат да покажат колку се грижат за расположението на нивните сограѓани.

Неколку актуелни градоначалници се во трка за нов мандат во скопските општини, и тоа Бобан Стефковски во Гази Баба, Дарко Костовски во Бутел, Дејан Митески во Аеродром, Горан Герасимовски во Центар, Александар Стојкоски во Ѓорче Петров и од неодамна и Стевчо Јакимовски во Карпош. Досегашниот прв човек на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ќе се бори за градоначалничката фотелја на Град Скопје.

Сите тие се и без започната предизборна кампања во кампања, собираат идеи и предлози од граѓаните, се среќаваат и се гушкаат со жителите на своите општини, ветуваат и убедуваат колку добро им било на нивните сограѓани во изминатите четири години додека тие раководеле со општините, па затоа заслужуваат уште еден мандат.

Орце Ѓорѓиевски: Како градоначалник ќе го пуштам во употреба подземниот булевар „Македонија“

Зад кампањите на дел од градоначалниците стојат и институциите со кои раководат. Тоа не само што е „нефер игра“ во однос на другите кандидати за истата позиција, туку јавноста со право се прашува дали во нивните предизборни активности се ангажирани човечки ресурси од локалните самоуправи и дали се трошат општински пари, односно пари на граѓаните што не се за наменети за нечии кампањи.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, веќе го спроведува карванот „Твоја идеја, заедничка иднина“, се среќава со граѓани и ги промовира своите главни проекти што би ги спровел во наредните четири години, доколку биде реизбран. Тој ветува субвенции за поставување енергетско ефикасни фасади на станбените згради, нова детска градинка во Хиподром 2, центар за деца и лица со попреченост со индивидуален третман, нова населба за индивидуално домување помеѓу Хиподром 2 и Трубарево и нула комуналии за изградба на станбени куќи за млади брачни парови до 29 години.

 Оваа мерка е од суштинско значење за младите да останат тука, да создадат семејство, да изградат свој дом и да си ја креираат иднината тука во нашата Гази Баба. Со оваа одлука не само што им даваме конкретна поддршка, туку и јасно покажуваме дека младите се во срцето на нашите политики и визија – вели Стефковски.

Тој сите предизборни активности ги најавува на својата фејсбук-страница како градоначалник на Гази Баба, но кампањата не се промовира на официјалните сајтови на Општината.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горан Герасимовски: Во локалната самоуправа нема место за политика

И Општина Бутел не известува за предизборните активности на градоначалникот на Бутел, иако Костовски исто така, со маалски средби, со штандови за идеи, заедно со граѓаните ја креира програмата.

На официјалната Фејсбук страница на Општина Кисела Вода, за последната локална активност е информирано на 20 август, значи пред повеќе од 20 дена, кога Општината организирала кино на отворено за граѓаните. Во меѓувреме Орце Ѓорѓиевски го има насекаде во обид да ја добие довербата на скопјани на 19 октомври. Ветува дека ќе го реши проблемот со „Вардариште“ и ќе направи парк, дека ќе го исчисти градот, ќе го подобри јавниот превоз, паркирањето, дека ќе гради мостови и сообраќајници, а врвен приоритет ќе му биде, како што изјави во едно интервју, она што го ветуваа и тие претходно. да го пушти во употреба подземниот булевар Македонија, под „Лимак“, и изградба на трите кружни текови на излезот и влезот на оваа клучна сообраќајница за главниот град.

Дејан Митески, кој е в.д. градоначалник на Општина Аеродром откако Тимчо Муцунски стана министер за надворешни работи, заврши со средбите со граѓани и собирање граѓански идеи и сега ја подготвува изборната програма. Тој е еден од ретките кој паралелно со себепромоцијата за наредниот мандат, не заборави дека има обврски и како актуелен градоначалник на Аеродром.

Најдолго кампања „тера“ градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој уште во јуни почна со маалски средби по населбите. Како што самиот изјави пред почетокот, идејата на карванот била граѓаните да се информираат за тоа што е реализирано во изминатите три и пол години, но исто така центарци да дадат и свои идеи, сугестии и предлози за поубав Центар.

Стевчо Јакимовски ја објави својата петта кандидидатура за градоначалник на Карпош

Во изминатиот период тој неуморно се промовира со видеа, соопштенија, разговори со видни центарци и слично и со објавување проекти што ќе ги спроведе од наредната година, како, на пример, еднократна парична помош за лицата со оштетен слух во Центар, бесплатен оброк за сите ученици од прво до четврто одделение, но и бесплатни екскурзии за учениците од петто до деветто одделение.

Во овој период се чини не функционира ниту Општина Чаир иако Висар Ганиу не е кандидат за нов мандат. Последната информација од оваа Општина е од 14 јули за игралиште во населбата Чаир, додека на фејсбук-страницата на Ганиу има неброено соопштенија за секој предизборен потег на министерот Изет Меџити, кој е во трка за градоначалник на оваа општина.

Стевчо Јакимовски ќе трча за петти мандат во Карпош, но тој речиси до последен момент тактизираше со кандидатурата, па иако беше исклучително ангажиран во изминатиот период, тоа официјално не може да му се „припише“ како предизборна кампања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот