
Градежната фирма што го обновува КАРИЛ, соочена со чудна постапка за одземање на лиценцата
Министерството за транспорт почнало постапка за одземање на лиценцата на градежна фирма што во моментов работи на витален проект во државното здравство – реконструкција на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) на Клинички центар, дознава „Слободен печат“.
Препорачано
„При утврдениот надзор од страна на Министерството за транспорт, утврдено е дека правното лице „Универзал Балкан ДОО увоз-извоз“ во моментот на надзорот не ги исполнувало одредбите од Законот за градење (нема доволен број на вработени согласно одредбите од Законот за градење) и врз основа на тоа Министерството на 4 април 2025 година донесе решение за одземање на А лиценцата за изведба на градби од прва категорија. Во овој момент се води управна постапка за конкретниот предмет“, велат од Министерството за транспорт за „Слободен печат“.
Ваквата постапка министерството ја почнало набрзо по катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ во Кочани кога се извршија ад-хок проверки на 3.100 лиценци од областа на градежното работење. Но, од фирмата велат дека се работи за административен вакуум што ќе го докажат пред Управниот суд каде веќе се жалат на решението за одземање на лиценцата кое не е правосилно.
Стапивме во контакт со сопственикот на фирмата Лазар Арсоски кој ни изјави дека фирмата се жали на решението за одземање на лиценцата, затоа што во периодот кога мал број работници му дале отказ и вработувал нови и ги заведувал во Агенцијата за вработување, баш тогаш Министерството во тој вакуум период од 1 или 2 дена ја вршело проверката. Така фирмата поради моментална состојба всушност добила постапка за одземање на лиценцата иако се работи за градежна компанија што ги исполнува условите и гради и во соседството, а беше изведувач и на реконструкцијата на Универзална сала.
Фирмата уште гради на КАРИЛ бидејќи самата одлука за одземање на А лиценцата за изведба на градби од прва категорија е неправосилна и фирмата ја обжалува одлуката на Управен суд. Кога им била почната постапката за одземање на лиценцата не бил викнат никој од фирмата да се произнесе и да објасни дека се работи за „вакуум“ период во кој вработуваат работници зашто старите си дале отказ. Во овој момент тие го исполнуваат условот за најмалку 20 вработени.
Изградбата на КАРИЛ не е загрозена
„Универзал Балкан ДОО“ во моментов изведува градежни работи на КАРИЛ онака како што е пропишано со договорот за јавна набавка. Од проектната единица при Министерството за здравство велат дека станува збор за градежни работи кои се подготвителни – демонтажни работи како опрема, столарија, дограма, рушење на ѕидови и подови.
-Официјално лиценцата на споменатата фирма не ѝ е одземена се до правосилност на одлуката, односно нема правосилност за одземање. Причина за постапката за одземање е бројот на вработени. Во моментот на проверка на податоците од Министерство за транспорт и врски имале 18 вработени, а услов за лиценца А е минимум 20 вработени лица. Според исказите на „Универзал Балкан ДОО“, во тој период напуштиле работа двајца вработени а во меѓувреме бил објавен оглас за пополнување на тие две испразнети места, па по завршувањето на огласот примиле двајца и со тоа го исполнуваат условот“, информираат за „Слободен печат“ од проектната единица при Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека според договорот реконструкцијата и градежните работи треба да бидат завршени за 6 месеци после воведот во работа. Објектот се очекува да биде по највисоките светски стандарди, со стаклени соби, нови инсталации, противпожарни скали кои досега ги немало како само дел од придобивките. Кога екс-министерот за здравство Арбен Таравари го најави реконструирањето на КАРИЛ пред два месеци, најави и дека пациентите ќе се препраќаат во другите болници, во ГОБ „8 Септември“ и во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ (старата градска болница). Според наши информации, за да почне изградбата во КАРИЛ една фирма донирала шок-соба за будење на пациентите, за да има каде да се сместуваат барем итните случаи од сообраќајки со оглед на тоа што вакви масивни градежни зафати во критични делови од јавноздравствената инфраструктура не може да се почнуваат без обезбедена алтернатива.
Прекин во работата по започнувањето немаше. Само имаше одложен почеток на работите за 15-20 дена додека не добивме насоки од Министерството за транспорт и врски, каде се посочува дека до правосилност на одлуката, односно до завршување на управниот спор лиценцата им е валидна. Според информациите дадени од фирмата, да, се води управен спор со Министерството за транспорт и врски, постапката со управниот спор уште е во тек, додадоа од Министерството за здравство во одговор на нашите прашања.
Од Клиниката пак велат дека ТОАРИЛУЦ е само краен корисник на проектот за реконструкција што го спроведува Министерството за здравство преку проектната единица.
„Од расположливите информации и согласно со документацијата што ни беше доставена како краен корисник, запазени се законските процедури согласно ингеренциите и мислењата на надлежните институции Министерство за здравство и Министерство за транспорт“, посочуваат од ТОАРИЛУЦ.