
Град Скопје: Проблем не е водата, проблем се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат
Цели населби во Скопје, особено оние во повисоките зони, во изминативе десетина дена имаат проблеми со снабдувањето со вода. Жителите на Водно, Железара, Автокоманда, Ченто, Маџари и други делови од градот со часови се без вода во текот на денот и остануваат дежурни во текот на ноќта за да обезбедат вода барем за технички потреби за наредниот ден. Некаде пак, притисокот е толку слаб што водата само се цеди од чешмите наместо да тече.
Препорачано
Од „Водовод и канализација“ ваквата состојба ја објаснуваат со огромната потрошувачка на вода поради што има проблеми во одредени делови на Скопје.
На недостигот од вода во градот денеска реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде посочија дека додека Данела Арсовска мисли дека се занимава со висока политика половина Скопје нема вода.
Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП „Водовод“ праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода, затоа што е лето и најверојатно сите пијат повеќе. Жално е до кое дереџе го донесе Данела Арсовска градот. Веруваме дека на Арсовска и е удобно прегратките на ДУИ и СДС, каде треба да одработува секакви работи, само не тоа што и е работа, но доколку 4 години се позанимаваше со водоводната мрежа и со обновување на истата не само што ќе немаше проблем со притисокот, туку и големи загуби кои ги има сега, немаше да ги има – соопштија од партијата.
Од Град Скопје одговорија дека ВМРО-ДПМНЕ заборава дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП „Водовод и канализација“ во Шуто Оризари и за нив МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба.
Исто и на дивоградбата каде беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, беше утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари. Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој се уште глуми политички загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните кои чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот – велат од Град Скопје.
Одговорноста е јасна, посочуваат од Градот, проблемот не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат.