Ѓорѓи Колозов и Итар Пејо, помеѓу предлозите за нови имиња на улиците во Скопје

И два дена по најавата на градоначалникот Петре Шилегов за промената на имињата на улиците, реакциите на граѓаните не стивнуваат.

Посебно збунети се граѓаните чии улици пред само десетина години беа променети, по што следуваше и задолжителна промена на личните документи.

Иницијативата доаѓа од првиот човек на Скопје, Петре Шилегов, кој смета дека улицата на која живее тој, неправедно била преименувана од „Мексичка“, во „Петре Пирузе“.

Но, голем број сограѓани на Шилегов, не го делат неговото мислење. Според анкетата која ја направи Слободен печат, скопјани би сакале имињата на улиците да останат непроменети, бидејќи, како што велат „последиците“ од претходното преименување се уште ги чувствуваат.

Ангелина која живее на улицата Борис Сарафов во Ѓорче Петров, изразува незадоволство од оваа одлука, и вели дека таа, но и нејзините соседи, улицата се уште ја викаат по старо, 4ти Јули.

Слично размислува и Ристо од Кисела Вода, кој живее на улица Антон Попов, поранешна Огњан Прица.

„Јас се уште кога на некои мои соговорници им објаснувам каде живеам, велам поранешна Огњан Прица, бидејќи кога им кажувам Антон Попов, ме препрашуваат каде е тоа. А, ако сега пак и го сменат името на улицата, тоа ќе биде уште позбунувачки, и за таксистите, и за туристите, и за нас, што живееме тука“, споделува со нас, овој скопјанец.

Не гледам воопшто проблем доколку во Скопје има улица Тито. Сепак тоа е наша историја, можеби заедничка со некој околу нас, но пак е наша историја. Исто така треба големината на личноста да биде соодветна и да одговара со големината на улицата, вели еден од анкетираните, без да се претстави, додека пак 31 годишниот Бојан, вели „ ако веќе се менуваат имиња на улици, нека има и такви што ќе се викаат “Ѓорѓи Колозов”  “Боб Марли”, “Итар Пејо”,”Али Баба и 40 разбојници “Бугарски пасош”, “Криминална Транзиција”, “Улица ФИРОМ”, термини кои ја обележале најнова историја.

Во Скопје веќе десетина години, голем број улици имаат „двојни имиња“. Едно официјално за во документ, и едно неофицијално, но познато меѓу народот. Така, улицата кај Универзална сала сите се уште ја знаат како 29 Ноември, иако се вика Костурски херои, Познатата Ленинова, е Аминта Трети, Водњанска сега е Мајка Тереза, а Булеварот ЈНА, со преименувањето се вика Климент Охридски.

Дали остануваат на одлуката за промена на имињата, ги прашавме градските власти, од каде што добивме одговор дека Градот ќе ја реализира идејата за преименување на улиците, за што денеска беше објавена и анкета за прибирање предлози за нови имиња.

Своите предлози граѓаните до 18ти август, ќе можат да ги испраќаат преку интернет или по пошта.

Предложените имиња од граѓаните ќе ги разгледува Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Советот на Град Скопје која има за задача да ја состави листата на имиња во согласност со одредбите на овој Закон и истата ја доставува во форма на предлог до Советот на Град Скопје, кој ја утврдува истата по претходно добиени мислења од општините и согласност од Владата.

Интересно е тоа што граѓаните ќе имаат можност да предлагаат само имиња на топоними, но не и локации кои би биле именувани со овие имиња.

При составувањето на оваа листа Комисијата ќе води грижа за застапеноста на предлог имињата кои означуваат личности и настани од значење за историјата, културата и науката  на граѓаните кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, велат од Град Скопје.

Потоа ќе следува поставување табли на објекти низ Скопје со новите имиња, а некои граѓани ќе мора да ги менуваат и личните карти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот