
Гордан Калајџиев: Ние помилуваме криминалци, а не свештени лица
Во дел од случаите како кај Владимир Талески, констатирана е промена во казнената политика, односно според новите законски промени е намалена предвидената казна за истото дело. Инаку, за ова што пишуваат медиумите, за тоа кој на кого му бил брат или братучед или кој пред 10 дена пукал со пиштол, тоа се информации што до нас не допираат, вели Калајџиев
Зачуден сум од реакциите на јавноста, на начинот на кој гледа во врска со одлуката за помилување. Ние помилуваме затвореници, а не свештени лица, изјави за „Слободен печат“ проф. д-р Гордан Калајџиев, член на Комисијата за помилување на затвореници формирана од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Препорачано
– Генералната политика на помилување во Македонија е многу рестриктивна, помилувања се даваат на многу мал број затвореници и се однесува на кратки интервали во смисла на времетраење.
Сите случаи се поминати низ три филтри, односно списокот со предлогот за помилување го проверуваат управите на затворите, од Министерството за правда и од Комисијата на претседателката.
Тоа се случаи каде што има помилување или намалување на казната, а благите затворски казни се променети за условни – изјави Калајџиев.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова помилува десет осуденици, меѓу нив се најде и името на поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески, а големо внимание предизвика и Шенол Маслани од Арачиново, за кој медиумите објавуваат дека е брат на Шенки Версаче, кој наводно е дел од 12-члената група што му се заканувала на полициски службеник, пуштала во промет дрога и нелегално поседувала огнено оружје.
– Во дел од случаите како кај Талески, констатирана е промена во казнената политика, односно според новите законски промени е намалена предвидената казна за истото дело.
Инаку, за ова што пишуваат медиумите, за тоа кој на кого му бил брат или братучед или кој пред 10 дена пукал со пиштол, тоа се информации што до нас не допираат.
Нам ни се доставува судско досие, извештај од затворска управа и предлог од Министерството за правда и доколку има потреба, лекарско мислење. Дел од помилуваните се поради длабока старост, тешка болест или семејни причини – вели професорот.
Тој смета дека притисокот од јавноста само дополнително ќе придонесе во иднина да имаме уште помал број помилувани лица, во и онака рестриктивната политика на системот кон осудените лица.
– Политиката на судовите не соодветствува со строгата казнена политика и очајната состојба во македонските затвори – додава Калајџиев.
Во врска со помилувањата на осуденици и реакциите во јавноста за дел од нив, претседателката Сиљановска-Давкова изјави дека гледа оти „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот“, но дека Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела и дека, иако таа потпишува одлуки и таа го има последниот збор, нема да се меша директно во нејзината работа.
– Јас и имињата не ги знам, да бидам искрена, меѓутоа кога јас ги потпишав овие одлуки, се водев од тоа дека во првиот случај, не го знам ни името како беше, пресудата е една година и три месеци и делото се однесува на неовластено поседување оружје и пет куршуми.
Тоа е делото. Веројатно тие се воделе од ова. Да, личноста, знам која е таа личност, но јас зборувам за работата на Комисијата.
Кај вториот случај станува збор за дело што е врзано со насилство или на некоја наплатна станица, некоја тепачка и казната е шест месеци.
Веројатно тие се воделе од ова заменувајќи ги обете, кај првата е година и три месеци, значи кога ги замениле овие казни со условна од три години.
Да, личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, сега гледам, но јас велам дека тие се воделе од конкретните дела. Јас почитувам знаење.
Точно, јас потпишувам одлуки, меѓутоа велам дека никогаш директно нема да се мешам во работата на Комисијата. Точно е дека го имам последниот збор, но молам да се има ова предвид – изјави Сиљановска-Давкова.