
Големо истражување: Како да се намали ризикот од деменција во руралните средини?
Деменцијата е водечка причина за смртност во Австралија, а ризикот од неа зависи од начинот на живот на постарите лица, тврдат научниците. Иако оваа болест е широко распространета, малку се знае дали жителите на руралните и регионалните области се посклони кон нејзин развој во споредба со оние што живеат во градовите. Токму затоа, новиот проект на Универзитетот во Јужна Австралија, наречен „Re-ACTIVate“, започнува соработка со регионалните заедници за да утврди дали животот на село носи поголем ризик и како да се развијат превентивни стратегии прилагодени на руралните области.
Препорачано
Истражувањето „Re-ACTIVate“ е прво од ваков вид и ќе ги процени модифицираните фактори на ризик за деменција кај постарите луѓе во рурални средини, по што ќе се креира практичен превентивен алатник прилагоден на нивните потреби. Проектот се надоврзува на големото истражување „ACTIVate“ кое откри дека начинот на кој постарите луѓе го поминуваат времето може директно да влијае на нивната когнитивна функција и на волуменот на мозокот.
Раководителката на истражувањето, професорката Ешли Смит, нагласува дека деменцијата не мора да биде неминовен дел од стареењето – скоро половина од случаите може да се спречат со промена на секојдневните навики. Таа потсетува дека постојат најмалку 14 ризик-фактори кои можат да се модифицираат, како пушење, исхрана, физичка активност и социјална изолација.
Според професорката Смит, луѓето кои живеат во села и оддалечени области се соочуваат со посебни проблеми – ограничен пристап до здравствени услуги, недостиг од простори за физичка активност и различни општествени и работни навики.
„Проектот ќе испита како овие околности го зголемуваат ризикот од деменција, а потоа заедно со локалните заедници ќе дизајнираме рани превентивни стратегии“, вели таа.
Во Австралија со деменција живеат околу 425.000 луѓе, а се предвидува бројката да надмине еден милион до 2065 година. Истражувачката Брит Бартон од истиот универзитет смета дека е неопходно да се развие стратегија за јавно здравје која ќе биде насочена кон руралните и регионалните средини.
„Селските заедници се силни и поврзани, но поради оддалечените здравствени услуги и иселувањето на младите, често остануваат без доволна поддршка. Затоа е клучно да соработуваме со локалното население за да развиеме решенија кои ќе го намалат ризикот од деменција“, истакнува Бартон.
Во следните шест месеци, тимот ќе работи со локалните жители на мапирање на услугите и заедничко дизајнирање практични и достапни стратегии за превенција. Конечниот резултат ќе биде алатник за превенција – едноставен сет ресурси со информации и поддршка за луѓето во руралните области за да го намалат ризикот и го зачуваат здравјето на мозокот подолго време.
„Со вклучување на локалното население, сакаме да создадеме прилагоден и применлив алатник кој навистина ќе одговара на реалноста на руралните заедници, а не унифициран пристап за сите. Нашата цел е еднаквост – луѓето што живеат на село да имаат исти можности за заштита на мозокот како и оние во градот“, заклучува професорката Смит.
Проектот воедно ќе помогне во трансформацијата на превенцијата од деменција и во подобрување на здравствените исходи за идните генерации. Тимот веќе бара учесници на возраст од 60 до 80 години од Полуостровот Јорк и возрасни над 18 години од Порт Линколн и Бери, а се разгледува и опција за онлајн вклучување за други региони.