
Големи превирања во ССК: Соопштение за одржано собрание и суспендирана директорка
Сојузот на стопански комори, втората по големина асоцијација на стопанственици во Македонија, минува низ сериозни превирања, што се гледа од соопштенијата што вчера и денеска беа лиферувани до медиумите – едното за одржано вонредно собрание на кое наводно е сменет досегашниот прв човек Трајан Ангеловски, а другото – дека всушност станува збор за фалсификат, злоупотреба и незаконско дејствување од страна на извршната директорка, Сузана Јаневсла.
Препорачано
Превирањата во ССК траат подолго време, а тие ескалираа со прекршочната казна за картелско здружување која кон ССК ја изрече Комисијата за заштита на конкуренцијата и јавните реакции на дел од потпретседателите на ССК.
Вчера, прво до медиумите беше испратено соопштение – известување за одржано вонредно Собрание на Сојузот, потпишано од Сузана Јаневска, извршен директор на комората, во кое се наведува дека на собранието биле констатирани „груби прекршувања на Статутот, изнесување на лични ставови, донесување на индивидуални одлуки штетни по угледот и репутацијата на ССКМ, груб упад во датабазите и податоците на ССКМ и злоупотреба на социјалните медиуми за работењето на ССКМ и нејзините членки во изминатиот период од страна на претседателот Трајан Ангелоски и лица во неговото најблиско опкружување“.
Во соопштението меѓу другото се вели и дека по барање од десет членки на УО на ССК вчера било одржано Вонредно собрание со присуство од голем број на членки од седум комори и една групација. Вонредното собрание на ССКМ поради заклучените простории на ССКМ од страна на досегашниот преседател Трајан Ангелоски, се одржа на кровната панорамска тераса.
Се посочува и дека Собранието се одржало во присуство на извршниот директор на ССКМ, овластен адвокат кој беше избран за претседавач на Собранието, и записничар нотар за верификација на неговата веродостојност и валидност. Избраната верификациона комисија ја констатира легитимноста и бројноста на Собранието на ССКМ, со што истото продолжи со неговата работа.
„Покрај другите одлуки, значајна одлука на вонредното Собрание на ССКМ е дека на досегашниот преседател Трајан Ангелоски му прекинуваат сите овластувања за претставување на ССКM во земјата и странство како и учество во сите тела назначени од ССКМ во изминатиот и следниот период се до свикување на ново Собрание на кое ќе се избере легитимен претседател и Управен одбор на ССКМ“, се вели во дописот до медиумите, шри што се додава дека вонредното Собрание на ССКМ е закажано да се одржи на 30.07.2025 година и на него ќе се избере „легитимен претседател кој ќе ги застапува интересите на членките на ССКМ и на бизнис-заедницата и ќе помогне во градење на државни политики проникнати од идеите и предлозите на македонскиот бизнис-сектор“.
„Крилото“ на Ангеловски одговори со суспензија на извршната директорка Јаневска
На ова соопштение, веднаш реагираше и оспорениот претседател на ССК, Трајан Ангелоски, кој во соопштение до медиумите вели дека станува збор за фалсификат, злоупотреба и незаконско дејствување и дека Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на ССК.
„Сојузот на стопански комори на Македонија остро ја осудува злоупотребата на службената положба и фалсификувањето на службена документација од страна на извршниот директор Сузана Јаневска, која на 07.07.2025 година е суспендирана од функцијата и нема никакви овластувања да ја претставува институцијата“, се вели во соопштението потпишано Ангелоски.
Притоа, се додава дека Јаневска, користејќи приватна Yahoo адреса, испратила „лажно соопштение до медиумите во кое тврди дека е одржано вонредно Собрание на ССКМ“.
„Истакнуваме дека тоа не е официјална комуникација на ССКМ и е правно ништовна; Собрание на 09.07.2025 не било закажано, ниту одржано по деловнички или статутарни процедури; Фалсификуваната покана и обидот за лажно собрание се резултат на грубо прекршување на член 4.2.8 од Договорот за основање на ССКМ; постапката претставува класичен пример на институционална измама и дејствување без мандат“, се наведува во соопштението.
Се додава и дека заедно со Јаневска, во координирана активност биле вклучени и четири правни субјекти „поврзани преку семејни и деловни врски кои се исклучени од членство“, поради „сериозно нарушување на угледот и функционалноста на институцијата“.
„Согласно член 4.5.4 од Договорот за основање, Претседателот на ССКМ, Трајан Ангелоски, донесе формална Наредба за итна суспензија на Сузана Јаневска, со која ѝ се забранува пристап до службените простории, контакт со членството и користење на било какви ресурси во име на ССКМ. Исто така, таа е задолжена веднаш да ги врати сите доверени средства во сопственост на Сојузот“, се наведува во соопштението, како и дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи.