Големи игри околу малата хидроцентрала

Изговор Образложението на правната служба на Општината е дека поднесеното барање „не било во согласност со важечкиот Закон за референдум“, без подетално аргументирање на одлуката.

Администрацијата на Општина Кочани го одбила барањето на кочанските еколошки активисти за распишување референдум против изградбата на мала хидроцентрала на Мала Река. Образложението на правната служба на Општината е дека поднесеното барање „не било во согласност со важечкиот Закон за референдум“.

Граѓанското здружение „Грин.Орг“ неодамна упати барање до Советот на Општината да организира локален референдум на кој граѓаните ќе го кажат својот став за тоа дали сакаат да се дозволи изградба на мала хидроцентрала на Мала Река, во близина на туристичкиот локалитет на вештачката акумулација Градче, кое беше поддржано од триесетина граѓански еколошки организации од целата држава, како и од партијата ДОМ.

– Навистина не нѝ е јасно со кое образложение правната служба на Општината го одби нашето барање за референдум, прогласувајќи го за ненадлежен за распишување на референдум Советот по основ на Закон за референдум, во кој децидно стои дека Советот може да распише локален референдум по сопствена иницијатива или на барање на граѓани. Сметаме дека Советот е надлежен да одлучува за ова прашање, прашање е само дали сè уште има политичка воља за тоа – вели Ана Симонова од „Грин.Орг“, иницијатор на референдумот.

Според овој закон, Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува. Тоа практично значи дека советниците можат да одлучуваат по иницијативата, упатена до Советот на општината, откако таа ќе биде ставена на дневен ред, но таа беше блокирана пред воопшто не стаса до Советот.

Иницијаторите се повикуваат на искуството со организацијата на референдумот против рудниците во Гевгелија и Валандово и на важечките закони според кои Советот на Општината е надлежен за распишување на референдум во врска прашања кои се од нејзина надлежност.

Да биде иронијата поголема, пред само неколку месеци кочанскиoт Совет се изјасни против изградбата на спорната мала хидроцентрала на Мала Река во подножјето на заштитените Осоговски планини. Против гласаа советниците и од владеачкото мнозинство и од опозициските партии.
Советниците од СДСМ со кои разговаравме велат дека „не можат против толкувањето на општинската правна служба“, а опозицијата смета дека станува збор за предизборни политички игри и дека тоа може да ја блокира оваа граѓанска иницијатива.

– Фактот дека неодамна СДСМ и опозицијата во Советот се изјаснија дека се против изградбата на хидроцентралата на Мала Река, а сега власта задкулисно се обидува да го блокира изјаснувањето на граѓаните за оваа еколошка тема, укажува на дволичност – вели Лазе Митев, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Според него, наместо да го блокира предлогот, власта треба да понуди, на претстојниве локални избори, граѓаните, освен што ќе гласаат за органи на општината, да се изјаснат и за малата хидроцентрала.

– Со тоа ем ќе се намалат трошоците за организирање, ем ќе се испочитува вољата на граѓаните, како што тоа се прави во развиените држави во Европа – вели Митев.

Во меѓувреме, додека траат политичките игри околу малата хидроцентрала, на виделина излезе дека Општината од 2018 до сега добивала пари од концесискиот надоместок за малата хидроцентрала кај Градче од концесионерот ДИС Енергија. Претходно, градоначалникот Николајчо Илијев, кој негираше дека Општината добила пари од концесионерот, се изјасни дека е против малата хидроцентрала, но дека ќе морал да издаде градежна дозвола за изградба на МХЕЦ бидејќи ДИС Енергија ги имала сите потребни документи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот