
Голема воена парада се одржа во Ханој по повод 80-годишнината од прогласувањето на независноста на Виетнам
Во виетнамската престолнина Ханој денеска се одржа најголемата воена парада по повод 80-годишнината од прогласувањето на независноста на таа земја, објавија виетнамските медиуми.
Препорачано
Илјадници луѓе се собраа од раните утрински часови во близина на плоштадот Ба Дин во Ханој каде што се одржа голема церемонија, објави агенцијата ВНА.

EPA/Athit Perawongmetha / POOL
Околу 40.000 војници и цивили учествуваа во воената парада по повод годишнината од независноста од француската колонијална власт во 1945 година.
Тенкови, беспилотни летала и ракетни батерии поминаа низ улиците на главниот град Ханој, додека хеликоптери и авиони летаа над стотиците илјади собрани луѓе.

EPA/Athit Perawongmetha / POOL
Главниот функционер на градот, То Лам, одржа говор во кој се потсети на многуте тешкотии и предизвици низ кои помина Виетнам.
„Нашата нација надмина безброј тешкотии и предизвици. Нашата земја се трансформираше од колонија во независна и единствена нација, која сигурно напредува кон модернизација и длабока интеграција“, истакна тој.
На парадата, меѓу другите, присуствуваа претседателот на Националниот народен конгрес, Жао Леи, како и премиерот на Камбоџа, Хун Сен и претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел.

EPA/Athit Perawongmetha / POOL
Покрај виетнамските војници, на парадата што траеше два часа маршираа и нивните кинески и руски колеги, објави France24.
На церемонијата присуствуваа многу странски гости и дипломати кои ја искористија оваа можност да нагласат дека Виетнам го помина патот од години жртвување кон ера на мир и просперитет.
Директорката на Одделот на Светската банка за Виетнам, Камбоџа и Лаос, Марјам Шерман, се потсети на повеќе од три децении соработка на таа организација со Ханој, за време на која достигнувањата на Виетнам привлекоа глобално внимание, објави агенцијата VNA.