Голем интерес за инвертери, 6.000 граѓани аплицирале за државна поддршка

Досега беа распишани и два огласа за енергетска заштита на граѓаните и на нив аплицираа повеќе од 1.200 граѓани

Јавните огласи за справување со енергетската сиромаштија се завршени, за годинава не се планирани нови, а дел од барањата по распишаните огласи сè уште се евалуираат, изјавија за „Слободен печат“ од Министерството за енергетика.

Досега беа распишани два огласа за енергетска заштита на граѓаните и на нив аплицираа над 1.200 граѓани.

– На вториот јавен оглас се пријавија 800 баратели и евалуацијата е во тек. Износот што се доделува како финансиска поддршка е 1.000 денари месечно во времетраење од 12 месеци, сметано од поднесување на барањето – велат од Министерството.

Оттаму појаснија дека Министерството по службена должност ги проверува податоците за барателите од аспект на тоа дали навистина остваруваат некое право од социјална заштита и од аспект на приходите со УЈП.

– Според потпишаниот Протокол за соработка меѓу Министерството и ЕВН Хоме, ЕВН Хоме врши намалување на сметката за потрошена електрична енергија кај барателите што го оствариле правото. Списокот на овие баратели е објавен на веб-страницата на Министерството – велат од Министерството.

Со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, a во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните што се соочуваат со социјални и здравствени предизвици се предвидени 42,3 милиони денари.

Во рамките на втората програма има обезбедено 120 милиони денари. Парите се наменети за поттикнување на енергетската ефикасност на домаќинствата со ниски приходи. Наменети се и 50 милиони денари за поттикнување на енергетската ефикасност на домаќинство во кое единствен приход е од корисник на пензија.

– По третиот јавен оглас за остварување на право на купен и вграден инвертер клима-уред аплицираа приближно 6.000 баратели во двете категории – велат од Министерството за енергетика.

Според огласот, барателите може да остварат право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3,5 киловати и енергетска класа од најмалку А+ . Правото го имаа лица со ниски приходи, а кои се различно определени зависно од бројот на членовите при што највисокиот лимит е за домаќинства со 4 и повеќе члена (43.000 денари). Јавниот оглас важеше и за домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето-месечен доход во 2024 година не го надминувал: 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со два члена и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена.

Речиси секое четврто семејство има проблеми со загревање на домот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот