
Годишно обраќање на Сиљановска Давкова: Храбар ЕУ исчекор, борба против корупција и враќање на довербата во судството
ЕУ членството ќе биде можен мотив што ќе стави крај на заканите од дестабилизација и ќе гарантира траен мир – порача претседателката
Мој основен политички инструмент во политиката беше и ќе остане дијалог воден со добра волја, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова во нејзиното прво годишно обраќање во Собранието.
Препорачано
Говорејќи за Европската унија и проширувањето, Сиљановска Давкова истакна дека ЕУ лидерите никогаш не треба да изумат дека европската заедница беше мировен проект што гарантира вечен мир, но, сепак денес војуваат европски држави.
– Знам дека реалистите ќе коментираат дека ја критикувам ЕУ заради односот кон нас, бидејќи ние целиме кон Унијата, а не Унијата кон нас, но и јас имам право критички да размислувам како балканка која се доживува како Европејка и очекува европско однесување од ЕУ – порача претседателката.
Таа вели дека на секоја средба со ЕУ лидерите ја потенцира нужноста од проширувањето со земјите од Западен Балкан.
– Признавам, за мене ЕУ е сè уште е најпосакуваниот демократски политички систем и наш дом. Не случајно денес граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење од нејзиниот демократски капацитет – додаде таа.
Претседателката порача дека е време за храбар исчекор по примерот на оној од 2004 година.
– Тоа значи реинтеграција на нашиот регион, бидејќи Балканот е природен дел на Европа – географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија поддржана од сите политички актери и граѓани во регионот – додаде таа и заклучи дека ЕУ членството ќе биде можен мотив што ќе стави крај на заканите од дестабилизација и ќе гарантира траен мир.
Во однос на уставните измени, според нејзе, единственото можно решение би било она со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите и тоа би било вин решение и за Бугарија, зашто, како што посочи, би го остварила своето барање, а подоцна би ни помагала во евроинтеграциите.
Претседателката повика на обединување во однос на евроинтеграциите и на консензус меѓу власта и опозицијата околу заедничките државни интереси.
– Предложивме излезно решение дури и за едно нерационално барање. Со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно Заклучоците, сметаме дека единственото можно решение би било она за уставни амандмани со одложно дејство утврдено во Уставниот закон за спроведување на амандманите, што веќе неколкупати сме го примениле. Во случајов, vacatio legis би се врзал, односно амандманот би стапил во сила по завршувањето на нашите преговори и ратификацијата на Договорот за нашето членство во ЕУ. Ова би било вин решение за Бугарија зашто би го остварила своето барање, ама подоцна, а во меѓувреме, би ни помагала во евроинтеграциите, во духот на Преамбулата на договорот за добрососедство и пријателство, свесна дека колку побрзо ќе завршат нашите преговори, толку побрзо таа ќе дојде до целта. За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство – порача таа.
Во нејзиното обраќање, Давкова порача и дека односот на ЕУ кон нас директно зависи од нашиот однос едни кон други и кон Копенхашките критериуми, реформите, европеизацијата.
– Економските, судските, политичките, правните и други промени во насока на хармонизација со ЕУ стандардите, го јакнеа и ќе го јакнат нашиот кредибилитет и сами по себе не туркаат и приближуваат кон ЕУ. Важно е да ја забрзаме евроинтеграцијата, но крајно време е да постапуваме утилитаристички, мерејќи ги придобивките и загубите, антиципирајќи ги последиците од повторувањето на грешките со феноменот – уште сега, уште ова … одново и наново … – рече претседателката.
Во годишното обраќање, Давкова говореше и за еден од клучните проблеми на граѓаните – правдата. Според нејзе, правдата е загрозена поради ендемската корупција и организираниот криминал, што, заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите и ни ја празнат државата.
– Борбата против корупцијата и организираниот криминал е најважната борба на оваа Влада. Во оваа борба ние, не сме сами. Ја имаме довербата од македонските граѓани и поддршката од нашите стратешки партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа. Црно ни се пишува ако не ја видиме со широко отворени очи црнината и не ја обелиме со санкционирање. Сега македонските надлежни институции се на потег. Граѓаните очекуваа и дочекаа конкретни резултати. Секое одолговлекување би значело толерирање на беззаконието и неправдата. Никој не смее да биде недопирлив. Никој не смее да биде над законот. Не може целото општество да ја трпи казната поради неказнивоста на неколкумина – нагласи Сиљановска Давкова.
Но, како што изјави таа, борбата никако не смее да се сведе само на овие неколку високопрофилирани случаи, бидејќи корупцијата е длабоко вкоренета во секоја пора на општеството. Таа додаде дека Судскиот совет и Советот за јавни обвинители треба да бидат вистински чувари на независноста на судството и филтерот низ којшто ќе можат да минат само квалитетните и некорумпираните.
– Од тоа зависи враќањето на разнишаната доверба на македонските граѓани во правосудството. Борбата за правда, за правна држава, за владеење на правото е борба за задржување на младите и за иднината на државата – истакна таа.
Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството и на владеењето на правото. За да не станеме држава на социјални случаи, нам ни е потребна социјална правда. И во Уставот, Македонија е дефинирана како социјална држава, којашто треба да им помага на ранливите, за секој човек, за секое семејство да има пристоен живот – порача претседателката во нејзиното годишно обраќање.
Во Собранието, по повод годишното обраќање на Сиљановска Давкова и нејзино прво обраќање од преземање на функцијата, присутни беа премиерот, претседателот на Уставниот суд, поранешните претседатели на државата, претседателот на Врховен суд, потпретседателот на Судски Совет, државниот јавен обвинител, Народниот правобранител, членовите на Владата, гувернерот на Народната банка, началникот на Генералштабот на Армијата, претседателот на МАНУ, поглаварот на Македонската православна црква, поглаварот на Исламската верска заедница, амбасадори …