Фото: Архија/ Слободен печат

Годишниот извештај за несреќи при работа евидентира 169 несреќи за минатата година, 22 се потешки со фатални последици

Во Годишниот извештај за несреќи при работа евидентирани се 169 несреќи при работа во 2022 година. Оваа бројка, како што велат од Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР) е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек како што велат, според податоците на Институтот за јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.

-Според податоците кои успеавме да ги прибереме и систематизираме 22 потешки несреќи на работното место беа со фатални последици. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17, односно на секои 100.000 вработени, тројца вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со претходната 2021 година, кога изнесувала 3.77. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 21 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст, стои во Извештајот на Македонското здружение за заштита при работа, во кој како извор за добивање на податоци за несреќите при работи, пред се, се користени информациите објавени во медиумите.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, МЗЗПР денеска во паркот на последната автобуска постројка со број 5 во Ново Лисиче во Општина Аеродром, ќе засади 22 дрвца, а бројот на садници, како што информира здружението, го отсликува бројот на загинатите на работното место во текот на минатата година.

Во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа годинва е темата „Безбедна и здрава работна средина како основен принцип и право на работа. Овој датум воедно е и Меѓународен ден на комеморација и споменување на сите работници кои своите животи ги изгубиле поради повреди на работа и професионални болести.

На настан, пак, во организација на Здружението на инженери за заштита Тутела Скопје, Здружението за заштита при работа на Општина Битола и Здружение за безбедност при работа „28 април“ Скопје ќе бидат доделени награди на компании за најдобри практики за безбедност и заштита при работа за 2022. Ќе бидат доделени награди и на ученици во рамки на проектот „БЗР од мали нозе“, одобрен од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука. Најавени се и обраќања на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Емил Крстановски, координатор на канцеларијата на МОТ за Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот