
Годинава ја завршуваме со реализација на капитални расходи со едвај 70 отсто
Во 2024 година два пати се прекројуваше буџетот и значајно се скратија парите за капитални преокти, но и по тие кратења, не се оствари планираното
Реализацијата на капиталните расходи на 26 декември била 422,3 милиони евра, односно 69,5 проценти од предвидените 607,7 милиони евра (со последното прекројување на касата), покажува бројчаникот на Министерството за финансии. Судејќи по тој податок, 2024 година ќе биде многу неуспешна во однос на тоа колку пари се потрошиле за патишта, водоводи, канализации и други значајни проекти, а кои биле планирани во Буџетот. Веројатно се случиле и некои плаќања во последните 5 дена ( може да се и поголеми), но веројатно годината ја заокружуваме со реализација на капитални расходи од околу 70 отсто. А, ако се земе предвид основната проекција за Буџетот за 2024 година, кога капиталните расходи беа планирани на 734,6 милиони евра, тогаш сегашната реализација е едвај околу 58 проценти.
Препорачано
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во повеќе наврати потенцираше дека сега се води евиденција на реални капитални инвестиции за разлика од порано кога сите инвестиции не биле за да се сместат таму.
– Во 2021 година реализацијата на капиталните расходи изнесувала 400 милиони евра, во 2022 година 450 милиони евра, а во 2023 година 700 милиони евра. Но во овие средства влегуваат и трансферите кон ЕСМ од кои потоа беа исплаќани плати, како и авансни плаќања за одредени проекти – рече министерката.
Годинава, имаше два ребаланса на државната каса. Првиот ребаланс од август годинава беше најголем ребаланс досега, со зголемување на приходната страна за околу 133,7 милиони евра. Така, старо-новата државна каса стана 5,17 милијарди евра. На расходната страна пак, имаше зголемување од речиси 322 милиони евра и се испланира трошење од 5,9 милијарди евра. Кастрењето на расходната страна се случи, како што рече минисерката Димитриеска-Кочоска затоа што „имало голем список на желби“, но и капитални проекти кои сепоред динамиката е јасно дека нема да се реализираат.
На самиот крај на годината, во декември се случи нова прераспределба по буџетските ставки. Тогаш беа пренаменети 150 милиони евра! Кој не ги искористи пари, му се одземаа износите, а листата на таквите институции е долга. Пари се дадоа на Фондот за ПИОМ, како и за исполнување на разни други обврски.
Поради долгата традиција на нереализирани капитални инвестиции во обемот во кој се предвидуваат, предвидени се измени на Законот за буџети. Во насока на креирање проекти кои ќе можат да се реализираат, сите јавни инвестиции над 120 милиони денари или два милиони евра ќе поминуваат низ филтер во Министерството за финансии и ќе бидат одобрувани од Владата.
И наредната година се планира голем износ за капитални расходи. Во 2025 година е планирано за капитални проекти да се потрошат 672,4 милиони евра. Според најавата на Владата, овој пат проекциите ќе бидат остварливи.