Фото: Pexels

Го зајакнуваат мозокот и го одржуваат нивото на шеќер: Четири намирници кои треба да ги јадеме секој ден!

Иако лесно може да дојдете во искушение секоја вечер да јадете пица загреана во микробранова, здравствените експерти постојано нè поттикнуваат во исхраната да вклучиме хранливо богати намирници. Еден од начините е токму тоа – да воведеме здрави продукти во нашето секојдневно мени. За среќа, повеќето намирници што нутриционистите препорачуваат да ги консумираме секој ден се лесно достапни и веројатно веќе се наоѓаат на вашата листа за пазарење, пишува „Живим“.

Сепак, некои нутриционисти и здравствени експерти предупредуваат дека не е добро секојдневно да се јаде иста храна, иако овој совет најчесто се однесува на комплетниот оброк.

„Тоа ја намалува разновидноста, која е клучна за општото здравје, особено за здравјето на цревата“, истакнува нутриционистката Шели Болс.

Сепак, тоа не значи дека не смеете да вклучите одредени важни намирници во вашето секојдневно мени. Всушност, постојат неколку намирници чија секојдневна консумација ја препорачуваат дури и нутриционистите.

Овесна каша

Овесната каша е одличен извор на интегрални житарки и содржи изобилство на растителни влакна и хранливи материи што ја прават здрав оброк или ужина – вели нутриционистката Триша Бест, напоменувајќи дека овие придобивки понекогаш се засенети од прекумерно додавање шеќер или високо калорични додатоци и преливи.

Но, ако кашата се подготви со состојки како ореви, цимет, боровинки, јагоди и банани, таа станува одличен избор за секој ден.

„Влакната во овесната каша ќе ве одржат сити подолго, што може да спречи прејадување во претпладневните часови и за ручек. Интегралните житарки го одржуваат нивото на шеќер стабилно, спречувајќи нагли скокови и падови што се поврзуваат со зголемување на телесната тежина“, додава Бест.

Спанаќ

Веројатно веќе знаете дека зеленолиснатите зеленчуци се добар избор за вашата исхрана, но дали знаевте дека спанаќот е особено препорачлив како дел од вашето секојдневно мени?

„Спанаќот е богат со магнезиум, железо и антиоксиданси, помага во намалување на воспаленијата, поддржува регенерација и обновување на мускулите и го поттикнува опуштањето, а сето тоа придонесува за подобар квалитет на сон“, објаснува нутриционистката Ејми Шапиро, нагласувајќи дека спанаќот е зеленчук кој не предизвикува дигестивни проблеми.

Јогурт

Нутриционистот Реда Елмарди ја истакнува важноста на намирниците што се корисни за цревното здравје.

„Повеќето луѓе не сфаќаат дека дигестијата влијае на сè – на расположението, имуниот систем, телесната тежина…“, вели Елмарди, кој токму поради тоа јогуртот го вклучил во својата секојдневна исхрана.

Јогуртот е богат со пробиотици, калциум и протеини. Верувајте ми, вашите црева ќе ви бидат благодарни – додава тој.

Јагодесто овошје

Без разлика дали повеќе сакате јагоди или боровинки, јагодестото овошје е одличен избор. Боровинки, капини, малини, јагоди… Јагодестото овошје го намалува воспалението, ја подобрува функцијата на мозокот и го одржува нивото на шеќер во крвта во рамнотежа. Дополнителен плус е тоа што имаат фантастичен вкус – вели Елмарди, нагласувајќи дека секојдневната консумација на јагодесто овошје може да помогне во здравото стареење и зачувувањето на младоста на срцето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот