
Ѓубре, неискосена трева и комарци, загрижува негрижата за Скопје
Надлежните се правдаат дека работат, но дека променливите временски услови работат побрзо од нив и дека дождовите овозможуваат тревата брзо да израсне.
Годинава доцни сѐ што во овој период од годинава редовно се спроведуваше низ Скопје. Во април не се реализираше првото прскање против ларви од комарци, тревите на јавните површини во поголемиот дел од градот се израснати по половина метар и неискосени, повеќето општини не информираа дали и кога ќе се спроведе пролетната дератизација, а дивите депонии, помали и поголеми, веќе станаа вообичаена слика за скопјани.
Препорачано

Граѓаните со фотографии од одредени локации повикуваат да се искоси, укажувајќи дека високо израснатото зеленило погодува за наезда на крлежи, но и на змии.
Џунглата напредува – опоменува карпошанец за просторот во близина кај „Аква паркот“, каде што низ високо израсната трева од двете страни води патека со бекатон плочки кон приватна болница од другата страна на Вардар.
Надлежните, пак, се правдаат дека работат, но дека променливите временски услови работат побрзо од нив и дека дождовите овозможуваат тревата брзо да израсне.
Општинската служба за одржување на зеленилото е постојано на терен и работи со полн капацитет, секој работен ден од 8 до 16 часот. Сепак, со оглед на фактот дека пролетта е „најкритичниот“ период кога тревата многу брзо расте, се случува да не може да се стигне секаде навреме за да се интервенира – тврдат од Општина Карпош.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ нема објаснување зошто се дозволува да остане неуредена тревата на јавни површини кои се во градска надлежност. Не е искосено покрај булеварите, не е средено средишното зеленило, а и тревите во општинска надлежност низ населбите не се во подобра состојба.
Oд „Паркови и зеленило“ денеска се пофалија дека почнале да косат на Кејот на Вардар.
Денес нашите теренски екипи ја косат тревната површина од десната страна на кејот на Вардар. Истовремено, се уредуваат косините покрај вело-патеките, како и зеленилото во делот за рекреација – велат од јавното претпријатие.

Израснатите треви во комбинација со комарците уште сега им го отежнуваат престојот на отворено на граѓаните. Но и покрај тоа од Град Скопје до денеска не стигна одговор дали и кога конечно ќе се изврши првото прскање против овие инсекти, кое ако не се изврши навремено и најмалку петпати до септември, ќе значи дека скопјани летово, во најголемите жештини нема да можат ни прозорец да отворат ниту да прошетаат низ парк. Настрана што нивното здравје ќе биде загрозено од евентуалните сериозни болести кои со својот убод можат да го пренесат комарците.
Комарците ќе нѐ „изедат“ годинава, од Градот абер нема за прскање
Нехигиената е уште еден проблем со кој се соочуваат граѓаните. Комуналците ги празнат контејнерите и често може да се забележат со метла в рака покрај главните сообраќајници. Но сето она што е малку подзатскриено од очите на жителите останува нечисто. Дивите депонии, помали и поголеми веќе се вообичаена слика низ Скопје, а на нив главно акцијашки се делува, откако ќе се почека да се насобере огромна количина на ѓубре.
На градот му е неопходна поголема грижа од локалните власти. Граѓаните очекуваат да живеат во организиран, функционален и чист град.

Израснатата трева во дворот на Владата ги „скара“ Џафери и Арсовска: Кој е надлежен да ја искоси?