Орце Ѓорѓиевски - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Орце Ѓорѓиевски - Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Ѓорѓиевски: Недостасуваат околу 40 инспектори за соодветно работење на општините

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска изјави дека за исполнување на минималните услови за соодветно постапување на општините е потребно да се вработат уште околу 40 инспектори.

Тој додаде дека во моментот е потребно да се направат контроли во сите општини и при овие контроли поради дефицитот на инспектори, сите локални претпријатија меѓусебно ќе си помогнат, а во наредниот период соопшти дека ќе се потрудат да вработат соодветни инспектори во сите општини со цел исполнување на овој недостаток.

Ѓорѓиевски додаде дека оваа состојба не е нова и посочи дека општините и претходно меѓусебно соработувале при вршење инспекциски надзори.

Во однос на проверките на станбени објекти, градоначалникот ги посочи постарите згради како места кои имаат најголеми проблеми со хидрантските мрежи.

-Најчесто не поседуваат доволно опрема, односно не поседуваат црева во хидрантите. Наложено е од нашите служби, во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување во многу скоро време да се постапи. Одиме на тоа да дадеме простор да се поправат сите грешки од минатото, пред да се премине на казнување. Најлесно е да изречете казна, потешко е да го промените системот и да воспоставите систем како што граѓаните заслужуваат повеќе од триесет години- изјави претседателот на ЗЕЛС.

Секоја општина, според Ѓорѓиевски, ќе треба да достави записници од извршените контроли до ЗЕЛС и по тоа тие ќе може да бидат дадени на увид на јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот