
Ѓорѓиевски ќе го дели Правописот по училиштата, а повеќе би им користел на општините
По иницијатива на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во соработка со Народната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски” започнува акција за дистрибуција на примероци од Правописот на македонскиот јазик во сите основни училишта низ државата, објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“
Препорачано
„Оваа активност е важен придонес кон подобрување на наставниот процес, подигнување на јазичната култура кај учениците и зачувување на македонскиот јазик како суштински дел од нашиот национален идентитет“, вели Ѓорѓиевски во објавата, но не објаснува како дошол до идејата Правописот да се дели по училиштата, од кои повеќето бездруго веќе имаат го имаат во своите библиотеки.
Акцијата следи откако во депоата на НУБ биле откриени 2.600 примероци од второто издание на Правописот, кои цели седум години не биле дистрибуирани и биле чувани во несоодветни услови, иако првично биле наменети за сите јавни установи и институции, како и за лекторатите и библиотеките во земјава и странство.
„Ова значајно издание повеќе нема да скапува во магацинските простории и ќе се дистрибуира таму каде што е најпотребно. НУБ ќе достави 1000 примероци на ЗЕЛС кои ќе бидат распределени во сите основни училилишта во Македонија, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта. Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето!“, пишува Ѓорѓиевски.
Според она што генерално може да се забележи од секојдневната комуникација на македонските општини со јавноста, се чини дека Ѓорѓиевски би направил многу позначаен чекор кон зачувување на интегритетот на македонскиот јазик, а со тоа и кон зацврстувањето на македонскиот идентитет, доколку им ги подели примероците од Правописот на членките на ЗЕЛС.