
Ѓорѓиевски: Градинките и училиштата се безбедни, инспекциските контроли ќе продолжат во зградите
По извршените контроли на сите училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали, односно секаде каде што се згрижуваат и собираат на настани најмладите, објектите се безбедни и граѓаните можат да бидат спокојни околу тоа, истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по денешната седницџа на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Препорачано
Инспекциите ќе продолжат и во наредниот период не само во делот на градинките и училиштата и во јавни установи туку денеска ќе дадеме како ЗЕЛС препорака да се направат строги контроли и во сите станбени згради во рамките на општините од една страна и од друга страна на потемелни контроли да подлежат сите урбани опреми што се поставени во рамки на една општина, што значи дека во наредниот период ќе има сегде инспектори на терен – рече Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека е констатирано дека во одредени општини недостасуваат инспекциски служби и дека сето тоа ќе биде надминато со меѓусебна координација, односно со спроведување на меѓуопштинска соработка доколку тоа е потребно се со цел и последниот објект во државата да биде проверен и да биде безбеден.Општините ќе продолжат со притисок до централната власт за да се одобрат вработувања на инспектори, затоа што, на пример, недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори
Донесовме заклучок сите јавни настани што биле планирани во општините во наредниот период да бидат откажани или да се најде соодветна замена за начинот на интерпретација на тие настани. Еден од предлозите е во чест за сите млади луѓе што ги загубија да се засадат дрвца – информира градоначалникот на ЗЕЛС.
На прашањето зошто дури сега се прави контрола, после трагедијата во Кочани, Ѓорѓиевски нагласи дека контрола во градинките и училиштатат се прави редовно и дека последната во Општина Кисела Вода на пример е направена на крајот на минатата година. Како што објасни сега се прават вонредни контроли заедно со инспектори од државните инспекции, затоа што општинските инспектори немаат надлежност да проверуваат противпожарни апарати, но имаат инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во ЗЕЛС е формирана и работна група во врска со програмите за поставување урбана опрема.
Се формираше работна група која ќе работи на унифицирана програма за поставување урбана опрема којашто ќе биде иста за сите општини. Во многу од општините има различни програми. Ако се утврди дека е потребна и законска интервенција за да бидеме унифицирани на републичко ниво, ние тоа ќе го побараме од законодавецот. Но, првично мислам дека нема да има таква потреба – истакна Ѓорѓиевски.
Според него, најголем проблем е урбаната опрема за кафулињата, при контролите биле затекнати многу неправилности, на кои било укажано за да се отстранат. Ѓорѓиевски смета дека на угостителите треба да им се даде рок од еден месец за отстранување на тие неправилности од кои најчестите се отстапувања од елаборатите за летните тераси. Потребен е период на адаптација, како што рече, кога се спроведуваат радикални промени.