
Гир побара консензус од советниците за пренамената на парите за европскиот проект „Смарт фор ју ту“ во Битола
Евроамбасадорот Дејвид Гир на средбата со советниците во Советот на Општина Битола потврди дека Делегацијата на ЕУ дала согласност за барањето на Општината за пренамена на средства од европскиот проект „Смарт фор ју ту“ за изградба на велосипедски патеки, откако на средбата со евроамбасадорот советниците како доминантна тема ја наметнаа пренамената на средствата од овој европски проект.
Препорачано
Анексот на првичниот договор предвидува изградба и достапност на велосипедски патеки во рок од 14 месеци по завршувањето на тендерската постапка.
Евроамбасадорот Дејвид Гир осврнувајќи се на европскиот проект што се реализира во Битола „Смарт фор ју ту“ беше предмет на интензивни дискусии во Советот на Битола потврди дека е договорено да се потпише анекс на првичниот договор доколку Битола даде зелено светло за изградба на велосипедски патеки, по примерот на Струмица и други градови и дека тој проект се потврдил како доста успешен и е дел од зелената агенда на ЕУ.
– Ова сепак е одлука којашто вие како советници треба да ја донесете а не јас и не дојдов во Битола да вперувам прст и да ви кажувам што да правите. Она што се случи со европскиот проект „Смарт фор ју ту“ е дека според нашите сознанија, оригиналниот предлог проект и процената за буџетот што е потребен за комплетирање на целиот проект беше толку висока што канцеларијата на градоначалникот на Битола сметаше дека не е возможно да се продолжи со толкав буџет поради зголемените трошоци за градежни материјали. И дури потоа се отвори дискусијата за можноста да се направат велосипедски патеки и тука се предложи да се направи анекс на почетниот договор. Во принцип се договоривме дека тој анекс договор ќе се потпише доколку тоа е она што Битола го посакува. Ние ќе се согласиме, а дали велосипедските патеки се потребни, морам да нагласам дека Советот треба да ја донесе одлуката, не можеме ние да ви го кажеме тоа, ние можеме само да пружиме поддршка доколку како Совет ја побарате и понатаму вие како Совет мора да ја донесете одлуката за кофинансирање. Таа одлука мора Советот на Битола да ја донесе-им порача на битолските советници евроамбасадорот Дејвид Гир.
Советничката на СДСМ Мирјана Захариевска-Ралевска рече дека барањето на советничката група на СДСМ за дополнителни информации не значи дека европскиот проект се кочи и побара дополнителен одговор од евроамбасадорот на прашањето дали бил информиран дека на планираната траса ќе поминува трасата за гасификација и топлификација на Битола.
– Сепак се работи за пари на европските даночни обврзници и секое евро и ние како советници треба да го браниме овде во Советот. Дали од Делегацијата на Европската унија ве информирале дека трасата каде што се планира пренамената на средствата во пешачки патеки а не велосипедски, дека на таа траса околу 50 проценти ќе поминува трасата за гасификација и топлификација? Топловодот во сезоната 2024-2025 треба да биде ставен во употреба за јавните институции во градот, а гасификацијата ќе биде за домаќинствата. Дали тоа значи дека ако Советот изгласа пренамена на средствата, дека по една година сето тоа треба да се ископа-праша советничката на СДСМ во Советот на Општина Битола, Мирјана Захариевска-Ралевска.
Евроамбасадорот Гир во одговорот посочи дека тие поддржуваат проект врз основа на барањето на Општина Битола и проектот да биде одржлив.
– Од проектот посакуваме сите граѓани на Општина Битола да имаат корист. Јас не можам да дадам директен одговор на вашето прашање. Сепак, Општина Битола и Советот мора заеднички да одлучат дали сите овие фактори се соодветно адресирани. Јас овој проект не го ставив како тема, туку вие како советници и за него може да се дискутира, но, советниците се клучните коишто треба да дискутираат и да донесат одлука-рече во одговорот евроамбасадорот Гир.
Проектот „Смарт фор ју ту“ завршува на 28 февруари 2025 година.
Од Делегацијата на Европската унија во Скопје велат дека секое доцнење во реализацијата на проектот може негативно да се одрази врз реализацијата на проектот и неговите потенцијални придобивки за локалните граѓани.
Инаку, на средбата со битолските советници се разговараше и за соработката на Општината со ЕУ и отворањето на Куќа на Европа во Битола, за што ќе биде потпишан и меморандум за соработка.