Мерц не го помина првиот круг од гласањето за канцелар во Бундестагот/Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Германскиот министер за финансии за данок на богатите, канцеларот против

Ќе воведе ли Германија поголеми даноци за богатите за да се затвори буџетската дупка од над 30 милијарди евра? Тоа е прашањето што го зафаќа политичкиот Берлин и се заканува да предизвика судир меѓу владејачките партии, пишува „Дојче Веле“.

Германскиот буџет за 2027 година се соочува со недостиг од повеќе милијарди евра. Министерот за финансии Ларс Клингбајл затоа не ја исклучува можноста за зголемување на даноците за оние со високи приходи. Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) се огорчени. Клингбајл, кој е воедно и претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), во емисија на јавниот сервис АРД „Bericht aus Berlin“ го појасни својот став, нагласувајќи дека „сите мора да дадат свој придонес“.

„Никогаш немало влада со ваков предизвик“

Веќе неколку недели во Германија се расправа дали се потребни повисоки даноци за имотните граѓани за да се затвори дупката во државниот буџет. Клингбајл потсети дека тоа го најавил уште средината на август во летното интервју за ЗДФ, што веднаш наиде на жесток отпор од коалициските партнери од редовите на ЦДУ/ЦСУ. Сега Клингбајл дополнително го брани и конкретизира својот став. „Мислам дека никогаш немало федерална влада која морала да затвори ваква голема буџетска дупка“, рече Клингбајл.

„Советувам сите опции да останат отворени додека не можеме да објавиме дека тие 30 милијарди се отплатени и дупката е затворена“, додаде. Клингбајл објасни дека недостатокот во буџетот за 2027 дополнително се зголемил поради проекти како „пензија за мајки“ и компензации за општините во рамки на иницијативата за „поттикнување економски раст“.

„Не смее да се кратат социјалните трошоци“

„Ме интересира кои идеи ќе ги предложат канцеларот и другите за да се затвори недостатокот од 30 милијарди“, порача Клингбајл, осврнувајќи се на одбивањето на демохристијаните да разговараат за зголемување на даноците.
Тој предупреди и на опасноста од преголеми кратења во социјалата.

„Има некои, тоа го забележувам понекогаш во политичката дебата, кои изгледа мислат дека сите пари можат да се заштедат на пензии, здравство, нега и други работи“, рече шефот на СПД.

Нагласи дека сега мора да се донесе цел пакет мерки кој ќе биде праведен и балансиран.

„Ќе мора да побараме нешто од граѓаните, така е. Но многу е важно да постои чувство дека тоа се однесува на сите и дека сите треба да дадат свој придонес“, рече Клингбајл и додаде дека му е драго што дебатата за ова сега започнува. „Важно ми е да не почнеме дури кога ќе се приближи буџетот за 2027, туку тоа да го направиме во наредните недели.“

Сојузниот канцелар Фридрих Мерц во меѓувреме јасно ги отфрли идеите за зголемување на даноците. „Договорениот коалициски договор важи“, рече Мерц во летното интервју за јавниот сервис ЗДФ и нагласи дека ЦДУ/ЦСУ и СПД во коалицискиот договор се согласиле дека даноците нема да растат. Потсети дека за оваа тема долго се расправало на преговорите.

„СПД тоа добро го знае“, рече Мерц. Тоа што СПД има поинакви ставови по ова прашање е исто толку во ред како и тоа што ние во други прашања имаме свои ставови. Ние не го бараме што нè дели. Ние го бараме она што ни овозможува заедно и одговорно да владееме“, додаде.

Шефот на ЦСУ, Маркус Зедер, исто така ги критикуваше предлозите на Клингбајл.

„Не, сега не ги зголемуваме даноците. Мораме да ги намалуваме“, рече Зедер за весникот Handelsblatt.

„Кој потпишува коалициски договор треба и да го спроведе, а не да доведува сè во прашање по неколку месеци“, порача Зедер.

Тој ги отфрли и предлозите на поединечни пратеници од ЦДУ да ѝ понудат на СПД повисок данок за богатите во замена за реформи на социјалниот систем.

„Тоа за мене е исклучено“, рече шефот на ЦСУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот