Сашко Георгиев и Кренар Лога, фото колаж „Слободен печат“

Георгиев: Не сакаме војна со министерот Лога кој некректно нè напаѓа преку медиумите, наместо да доаѓа на седниците на Судскиот совет

Претседателот на Судски совет Сашко Георгиев вели дека министерот за правда Кренар Лога е некоректен затоа што го напаѓа ова тело преку медиумите, а не доаѓа на седниците, иако по функција е член и може да придонесе за подобрување на состојбата во правосудството. „Слободен печат“ го праша Судскиот совет за став во врска со нападите кои подолг период доаѓаат од министерот за правда во врска со разни одлуки или постапки на советот, а кој претходно најави дека ќе бара начин да се распушти овој состав.

– Ние сме мирољубиви и не сакаме да се отвори војна со минстерот за правда Кренар Лога, кој во последно време континуирано и со интензивна критика го напаѓа Судскиот совет. Ние не бегаме од критика, напротив, сметаме дека таа служи за да се корегираат состојбите, но воопшто не е коректно да нè напаѓа преку соопштенија и преку медиумите, а не доаѓа на седниците на Судскиот совет, каде е член според функцијата. Јас го повикувам да дојде и да седнеме во Судскиот совет и да разговараме за сите проблеми со кои се соочуваат судовите – вели Георгиев за „Слободен печат“.

За ставовите на Лога во однос на работата на Судскиот совет Георгиев смета дека тоа е видување на министерот.

Според него, министерот има ограничено право на гласање во Советот, но може да даде придонес во решавањето на реалните проблеми за кои се дискутира.

– Ние разгледуваме точки за судството во кои надлежност има и самото Министерство за правда, зборуваме дека во судовите недостигат технички и материјални средства, опрема, информатичари, како и судии и судска администрација. Министерот, како што му е должност, може и лично да придонесе за подобрување на состојбите во правсудството, а наместо тоа, тој постојано потенцира одредени судови и изнесува лични ставови. Тој ја има надлежноста како министер, но ја има и одговорноста – вели Георгиев.

Судскиот совет минатата недела го повика министерот Лога да учествува на седниците, а доколку не може да дојде да извести за причините, за да може Советот да констатира дали нечие отсуство е оправдано или неоправдано. На ова Лога одговори дека по нерегуларностите во Судскиот совет одлучил да не присуствува, а таква е и препораката на ГРЕКО.

– Со оглед на тоа што во последниот период се случија низа нерегуларности во работењето на ова тело каде во голема мера се наруши кредибилитетот на неговите членови, а довербата на јавноста се сведе на најниско ниво, како и посетата на Оценската мисија на ЕУ која ја скенираше состојбата во Судскиот совет по низата скандали и превирања, одлучив да не присуствувам на седниците, исто како што тоа го правеа моите претходници – одговори Лога.

Министерот видливо го напаѓа в.д. претседателот на Основниот суд Куманово, Снежана Манев, која е кандидат за претседател, а последен пример беше опомената до Судски совет дека дозволил судијката по втор пат да го полага тестот за интегритет, иако оттаму изнесоа став дека полагањето на тестотвите е во надлежност на институтот што ги спроведува. Претходно Лога ја нападна Манев дека не ја средила архивата на судот во Куманово, која се запали, иако од судот биле известени дека имаат само двајца службеници во архивата.

Последен „напад“ од Лога кон Советот беше деновиве кога Министерството за правда соопшти дека Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС утврдила пропусти на Судскиот совет, а меѓу пропустите наведе работи што се во надлежност на судовите, а не на Судскиот совет: нецелосно почитување на одредбите за исклучување и вклучување како и изземање на судии од АКМИС, недоволен број на судии во помалите судови, недоволен број на информатичари, неконтинуирано архивирање, нефункционирање на тонското снимање. Министерството наведе дека Комисијата за надзор на АКМИС била во четири основни судови – Берово, Крушево, Кратово и Куманово, но во извештаите не може да се најде кој суд не го почитувал системот АКМИС. Во судот во Крушево нема судија, па суди делегиран судија од Битола, во судот во Берово, пак, нема информатичар, а за судот во Кратово нема забелешки за распределбата на предметите. За „омиолениот“ суд на Лога, кумановскиот, пак Комисијата имала две забелешки за АКМИС рачно распределени судии во  предмети, но за едниот случај образложението на кумановскиот суд било дека за предметот е потребен безбедносен сертификат, а во тој момент само еден судија имал, па морало да суди тој, оти останатите двајца со сертификат не биле распоредени да постапуваат во претходна постапка. Втората забелешка била за барање на изземање на еден судија, па претседателката ги изземаја сите тројца од предметот со образложение дека сите тројца судии претходно учествувале во оценка на обвинителниот акт за тој оредмет. За сите останати распореди во АКМИС Комисијата немала забелешки.

Но, министерот Лога има, па ѝ соопшти на целата јавност дека Комисијата утврдила пропусти на Судскиот совет.

Инаку, Лога пред две недели најави дека распуштањето на Судскиот совет и натаму останува како можност и тоа ќе се одвива постепено преку институциите на системот, односно не наеднаш. Според него, едно од решенијата за подобрување на состојбата е итно донесување на измени на Законот за судски совет за се прекине мандатот на сегашниот состав на ова тело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот