
Георгиев и Јолевски: Измените на КЗ се донесени нетранспарентно и без консултации на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев и претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски забележуваат дека измените на Кривичниот законик со кој се намалија казните за функционерите што ја злоупотребуваат службената должност и за делото злосторничко здружување се донесени крајно нетранспарентно и без консултации со практичарите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Георгиев потенцираше дека за измените на КЗ имаше низа реакции во јавноста.
– Јас ќе потенцирам дека како Совет имаме забелешка за транспарентноста, некако набрзина сето тоа се спроведе без да имаме свое учество и да дадеме мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше транспарентна постапка во која ќе се слушнеше и нашето мислење во однос на какви било измени на КЗ. Во тек сме дека се подготвуваат нови измени, дека ќе се пропишат нови кривични дела и во тој процес имаме активно учество, но во овие измени не. Сега сме сведени на состојба во која како судии мора да го почитуваме законот таков каков што е, без претходно да се анализираат сите евентуални последици врз основа на аргументи и конкретни состоби. Судскиот совет требаше да учествува во измените на КЗ со свое мислење и свои анализи за последиците и ефектите. Не дадовме мислење затоа што не беше побарано од нас – изјави претседателот на Судскиот совет, прашан за став за измените на КЗ.
Според претседателот на Советот на јавни обвинители измените на КЗ е најдобро да ги коментираат практичарите, односно Јавното обвинителство.
– Совето на ЈО не учествуваше и не ги разгледуваше измените на КЗ и за нив треба ставот да го каже ЈО, оти тие по хиерархија и субродинација се практичарите, оние кои ги работат предметите и тие ќе дадат најдобра анализа како ќе се одразат измените во нивното работење. Тие можат да кажат со бројки и конкретни податоци, а ние како Совет не постапуваме по предмети, туку само по претставки и поплаки и се грижиме за самостојноста во работењето на обвинителите. Јас лично сметам дека требаше поголема транспарентност за измените на КЗ и требаше да се вклучат практичарите пред да се донесат решенија, оти тие најдобро можат да дадат одговор какви измени се потребни. Прескокнувањето на практичарите многу штети при донесувањео на законот. Кај нас во Советот се праќаат закони за мислење, како на пример законот за кривична постапка, но овие измени не го добивме за консултација – рече Јолески.
Судскиот совет и Советот на ЈО денеска потпишаа Меморандум за соработка во неколку области кои се од заеднички делокруг на работењето. Георгиев рече дека секогаш се подготвени за чекор напред и чекор повеќе соработка од досега.
– Имаме идентични или слични проблеми во тековното работење, имаме реални проблеми во делот на недостаток на судии и обвинители низ целата држава, имаме заеднички производител на ваквите кадри, Академијата за судуи и јавни обвинители. Имаме реални проблеми во работењето како во судството, така и во обвинителството, во делот на буџетските финансирања, стручните служби итн и очекувам ова да биде еден почеток и доградување на нашата соработка, за да имаме поголеми ефекти и резултати во владеењето на правото – рече Георгиев.
Јолевски потенцира дека потпшишувањето на меморандумот е формализирање на претходната неформална соработка на двата совета.
– Ова е формализирање на она што ние досега неофрмално го имавме како поединци во соработката која трае со години наназад, но беше на лична основа, индивидуална, врз основа на познанства на членовите на едниот или другиот совет. Со ова на хартија ставаме патека како во иднина советите да се движат по одредените точки кои ни се заеднички, како што е обезбедување на кадри, просторни и материјални услови, за судиите и обвинителите да имаат статус каков што заслужуваат, за да постапуваат самостојно и независно во своите предмети, а ние како гаранти на нивната самостојност и независност да ги заштитиме во нивното работење. Ова е почетен чекор, а идните генерации да ја продлабочат соработката и на другите точки кои ни се заендички – рече Јолевски.