
Георгиев: Австрија нема да го смени ставот за преговорите на Македонија со ЕУ
Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев добил ветување од австрискиот колега дека нема да се промени ставот на Австрија во врска со почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ за членство.
Препорачано
На прашањето дали Бугарија „ќе биде пуштена“ во замена за тоа таа самата да ја „пушти“ РСМ за преговори за членство во ЕУ, министерот Георгиев коментира: „Таква теза не само што е шпекулација, туку е груба и тешка лага, за која во други држави веројатно можеше да се бара и друг вид одговорност. Бидејќи за да тврдиш дека твојата земја нешто истргувала во замена за нешто друго, и тоа на штета на националниот интерес, е исклучително сериозно. Сакам да го слушнам споменатиот поранешен европратеник (кој ги прошири тврдењата за ‘размена’, з.н.) врз основа на што ги гради своите верзии. Во четвртокот повторно многу детално ги информирав колегите во парламентот што направила државата во однос на евроинтеграцијата на Западен Балкан, и конкретно за РСМ. Тврдам дека нема ниту еден разговор, насока или дејство што можеле да се преземат за да ја заштитиме нашата визија за интеграцијата на Западен Балкан, и конкретно за РСМ, а што не е преземена. Ако други влади имаат историска одговорност за тоа што РСМ денес не е најдобро ориентирана кон Бугарија, тогаш треба да си го признаат тоа. Зашто долго време не успевавме дури ни правилно да ја комуницираме нашата позиција по тоа прашање“, додаде министерот.
„Јас не можам да одговорам на прашањето дали РСМ бара поддршка од Австрија за заобиколување на францускиот предлог – веројатно бараат таква поддршка, но друго прашање е дали ќе ја добијат. Нашата улога е да се погрижиме ЕУ да продолжи да се држи до европскиот консензус. Разговарав со мојот австриски колега и ве уверувам дека нема отстапување ниту еден сантиметар од тоа што РСМ треба да го направи – да го промени својот Устав и да ги исполни зададените критериуми. Какви тврдења шири другата страна за своја корист, е одделна тема“, додаде Георгиев. „Планот е еден – нема План Б, планот е само еден – исполнување на договореното, промена на Уставот, ниту една земја не го добила членството во ЕУ како подарок – сите ја плативме цената и сите се придржувавме до преговарачката рамка. Сигурен сум дека и самата ЕУ нема да дозволи сомнежи во својата позиција преку било какво заобиколување на правилата“, објасни Георгиев.