
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Ролнички од цимет – мирисна магија за секое утро
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: ролнички од цимет.
– Постојат рецепти што не само што го разгалуваат вкусот, туку ја исполнуваат куќата со топлина и мирис на дом. Ролничките од цимет се токму таков десерт – класичен, а сепак секогаш добредојден – порачува Бобе.

Потребни состојки:
За тестото:
• 300-400 грама брашно (тип 400)
• 80 мл млако млеко
• 1 коцка свеж квасец (40 грама) или 1 ќесичка сув квасец (7 грама)
• 2 лажици јогурт или кисело млеко
• 80 грама шеќер
• 80 грама растопен путер
• прстофат сол
За филот:
• 100 грама мек путер
• 80 грама кафеав шеќер (или обичен бел шеќер)
• 2 полни лажички цимет

За преливот:
• 100 грама шеќер во прав
• 2 лажици мек путер
• 3 лажици крем-сирење
• Ванилин шеќер

Подготовка:
Во сад, измешајте го млакото млеко со една лажица шеќер, лажица брашно и квасецот. Оставете 10 минути на топло место за да се активира.
Во голем сад измешајте брашно, шеќер и сол. Додајте ги јогуртот/киселото млеко, растопениот путер и активираниот квасец. Замесете меко и еластично тесто. Ако е потребно, додајте уште малку брашно. Покријте го тестото со чиста крпа и оставете го на топло место да нарасне околу 1 час или додека не ја удвои својата големина.
Измешајте го мекиот путер со шеќерот и циметот во мазна смеса. Стасаното тесто расукајте го во правоаголна форма со дебелина од околу 0,5 см. Нанесете го рамномерно филот, па внимателно завиткајте во ролат. Исечете ролнички со готварски конец во ширина од 3-4 см и наредете ги во намастен плех. Покријте ги ролничките и оставете ги да нараснат уште 20-30 минути. Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови. Печете ги ролничките 20-25 минути, или додека не добијат златна боја.
Измешајте шеќерот во прав со мекиот путер, крем-сирењето и ванилата за да добиете густ прелив. Прелејте ги топлите ролнички веднаш по печењето.
Ролничките од цимет се совршен избор за утринско кафе, неделен појадок или како слатка пауза во текот на денот. Со малку љубов и едноставни состојки, ќе создадете задоволство што долго ќе се памети.
На здравје сладење!

