
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Мусака со модри патлиџани
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: мусака со модри патлиџани.
„Мирисот на печени модри патлиџани, нежен бешамел и богато месо што се крчка на тивко – тоа е вистинската дефиниција за домашна храна. За разлика од традиционалната мусака со компири, оваа варијанта со модри патлиџани е полесна, но еднакво сочно и богато јадење. А кога ќе се прелиe со кремаст бешамел, добивате слоевита хармонија што едноставно се топи во уста“, порачува Бобе.
Состојки:
• 2 -3 модри патлиџани (излупени и исечени по должина или на кругови)
• Морска сол
• Маслиново масло
• 50 грама презла
• 230 грама рендан кашкавал
За месниот сос:
• 1 лажица маслиново масло
• 2 главици кромид (ситно сечкани)
• 400 грама мелено мешано месо
• 480 грама сечкани домати (конзерва или свежи)
• 4 чешниња лук (ситно сечкани)
• ¼ лажичка мелен цимет
• ¼ лажичка пимент или лут сос
• Бел бибер, морска сол
• 2 лажици доматно пире
За бешамел сос:
• 50 грама путер
• 50 грама брашно
• 250–350 мл топло млеко (приспособете според густината)
• сол, бел бибер
• ½ лажичка мелено морско оревче
• 3 жолчки од јајце
Подготовка:
Посолете ги исечените патлиџани и оставете ги да стојат 45 минути за да ја изгубат горчината. Измијте ги, намастете со малку маслиново масло и испечете ги во грил тава неколку минути од двете страни. Оставете ги настрана.
Во тава загрејте масло, пропржете кромид, додајте го месото и запржете додека не се раздвојат парчињата. Додајте домати, лук, цимет, пимент, сол и бибер. Оставете да покрчка, па вметнете го доматното пире. Доколку е густо, додајте малку вода. Тргнете од оган.
Бешамел: Во тава растопете путер, додајте брашно и мешајте. Постепено додавајте топло млеко и варете додека не се згусне. Зачинете, тргнете од оган и додајте ги жолчките.
Подмачкајте огноотпорен сад со масло и наросете презла. Ставете слој печени патлиџани, па месо, па рендан кашкавал. Повторете го редоследот. Завршете со слој кашкавал и прелијте со бешамел сосот. Покријте со фолија и печете на 180 степени Целзиусови околу 60 минути, последните 5 минути печете без фолија.
Оставете ја мусаката да се излади 15-20 минути пред сечење.
Ова јадење може да се направи ден претходно – вкусот е уште побогат наредниот ден!
На здравје!