
Гастрономско уживање од Дијана Иваноска: Рустични галети со печурки, карамелизиран кромид и јајца
Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.
Препорачано
Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Денеска со нас споделува рецепт за мини галети со печурки и јајца.
– Овие рустични галети се совршен спој на путерно, ровко тесто, карамелизиран кромид и јајце. Превкусна комбинација што топло ви препорачувам да ја пробате – вели Дијана.

За 4 мини галети е потребно:
За корите:
– 160 г брашно
– 1/2 лажиче сол
– 113 г путер ладен и ситно исечкан
– 60 мл ладна вода
За филот:
– 400 г печурки (шампињони)
– 2 средно големи главици кромид
– свежа (или сува) мајчина душица
– 3 лажици маслиново масло
– 15 мл соја сос
– 100 г кашкавал (рендан)
– сол, свежо мелен црн пипер
– 4 мали јајца
– 1 јајце за премачкување

Подготовка:
Измешајте го брашното со солта и додајте го ладниот путер. Тријте го путерот во брашното додека добиете ронлива смеса.
Додајте ја ледената вода и замесете тесто. Поделете го тестото на четири дела и секој дел завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер барем еден час. Во тава загрејте го маслото и пржете го кромидот на тивко додека карамелизира.
Додајте ги печурките и пржете додека испари целата течност. Ставете сол, бибер и соја сосот и пржете уште 5 минути. На крај додајте ја мајчината душица и тргнете од оган. Загрејте ја рерната на 200 степени. Развлечете го секое топче тесто во круг 20 см. Ставете го тестото на хартија за печење. На средината нанесете го кашкавалот оставајќи 2 см на краевите без фил. Додајте ја смесата со печурки над кашкавалот. Свиткајте ги краевите тесто над филот.
Премачкајте ги краевите со изматеното јајце и печете околу 20 минути. Направете длабнатина во филот на секоја галета.
Скршете 4 јајца во 4 мали садови. Ако е големо јајцето, отстранете дел од белката. Нанесете ги јајцата во длабнатините и печете уште 10 минути. Гарнирајте со мајчина душица и уживајте.
