
Гастрономско ремек-дело од Дијана Иваноска: Превртена портокал торта
Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно вистинско гастрономско уживање – превртена портокал торта.

„Кандиран портокал и меко сочно тесто со цимет и кора од портокал. Вистинско ароматично уживање. Домот ќе ви мириса прекрасно додека се пече. Во оригиналниот рецепт се употребени портокали, јас ставив портокал и црвен цитрон. Цитронот како овошје е малку горчлив и ако мислите дека тоа ќе ви пречи, употребете само портокал или употребете лупен цитрон. И портокалот може да се стави лупен ако не сакате да користите и кора. Тестото е предобро, многу сочно и меко. Се надевам ќе ја пробате“, порачува Дијана.

Состојки:
За кандираните портокали:
– 2-3 портокали
– 200 г шеќер
– 250 мл вода
За тортата
– 2 јајца
– 130 г шеќер
– 1/4 лажиче сол
– 110 мл маслиново масло
– 1 лажиче ванила екстракт
– 1 лажиче цимет
– кора од еден портокал
– 2 лажици или 30 мл сок од портокал
– 1/8 лажиче сода бикарбона
– 1/2 лажиче прашок за печиво
– 130 г брашно

Подготовка:
* Измијте ги убаво портокалите ако ги кандирате сосе кората, ако не, излупете ги. Јас ги миев со сода бикарбона. Исечете ги на тенки кругови, 3 мм. Во тенџере на оган загревајте ја водата со шеќерот додека проврие. Намалете ја температурата, ставете ги круговите портокал и нека вријат 15 мин.
* Загрејте ја рерната на 175 степени.
* Дното и страните од калапот (20 см), обложете ги со хартија за печење. Претходно намачкајте го со путер, така хартијата поубаво ќе се залепи за калапот.
* Во еден сад измешајте го брашното со прашокот за печиво и циметот.
* Во друг сад изматете ги јајцата со шеќерот и солта додека станат пенести. Додавајте го маслото во тенок млаз додека матите.
* Додајте ги сода бикарбоната, кората и сокот од портокал и ванилата.
* На крај додајте ги сувите во влажните состојки и со шпатула измешајте ги нежно.
* На дното и страните на калапот наредете ги круговите портокал. Може да се наредат само на дното. Течноста во која се вареа не ја фрлајте, на крај ќе ја премачкате тортата со неа.
* Префрлете ја смесата во калапот и печете околу 35 минути или додека чепкалка боцната во тестото ќе излезе чиста.
