
Гаши в сабота ќе ги распише локалните избори: Првиот круг на 19 октомври, вториот – на 2 ноември
Кампањата за локалните избори ќе почне 20 дена пред изборниот молк, односно на 28 септември. Според досегашната практика, во тој период Собранието се очекува да не одржува пленарни и комисиски седници за партиите да не ја злоупотребуваат парламентарната говорница за изборна кампања.
Претседателот на Собранието Африм Гаши в сабота, на 9 август, ќе ги распише осмите локални избори по осамостујувањето на Македонија, потврдија за „Слободен печат“ од Собранието. Првиот круг од трката за градоначалници и советници ќе се одржи на 19 октомври, а вториот изборен круг ќе биде на 2 ноември во општините за коишто во првиот изборен круг нема да бидат избрани градоначалници. Кампањата за локалните избори ќе почне 20 дена пред изборниот молк, односно на 28 септември. Според досегашната практика, во тој период Собранието се очекува да не одржува пленарни и комисиски седници за партиите да не ја злоупотребуваат парламентарната говорница за изборна кампања.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Државната изборна комисија (ДИК) истиот ден кога ќе бидат распишани изборите, односно на 9 август, на јавна седница ќе ги утврди поважните рокови за изборните дејствија. Еден ден пред гласањето, односно на 18 октомври, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците. Партиите, кандидатите за градоначаланици и советници, треба да ги пријават во Општинските изборни комисии најдоцна 35 дена пред изборите.
Најжестока ќе биде битката за Чаир
Откако пратениците не обезбедија консензус и Бадентерово мнозинство за измените на Изборниот законик за потребните потписи за независните листи останува отворено прашањето дали на претстојните локални избори воопшто ќе има учество на независни кандидати за советници. Независните, пак, за да не извисат веќе најавија дека ќе собираат потписи за да регистрираат партии.
Повеќето партии веќе ги открија изборните адути за локалната власт, а со тоа познато е и во кои општини се очекуваат најинтересните и најжестоки битки за градоначалници. Во трката за нов градоначалник на Скопје, официјално влегуваат градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, ексминистерката Каја Шукова од СДСМ и Башким Бакиу од Вреди. Се очекува претседателот на Народното движење и пратеник, Скендер Реџепи, да биде кандидат на Европскиот фронт за градоначалник на Скопје, а кандидатура најави и Левица, но засега не го открива својот адут за метрополата. Според ова, за фотељата во главниот град во трка ќе бидат најмалку петмина кандидати.
Најжестока битка во албанскиот политички блок се очекува да има за градоначалничката позиција на Чаир, каде противкандидати ќе бидат поранешните сопартијци и високи функционери – првиот вицепремиер Изет Меџити и потпретседателот на ДУИ и ексминистер Бујар Османи. Интересна ќе биде и трката за Кичево, каде Фатмир Дехари од ДУИ како кандидат на Европскиот фронт ќе атакува на четврти мандат. Нему ќе му се спротивстави екссопартиецот, а сега министер за социјална политика Фатмир Лимани од Вреди. ВМРО-ДПМНЕ пак, неофицијално, со докторот Александар Јовановски ќе атакува да го врати Кичево под нивно раководство, откако пред Дехари со општината раководеше Благоја Деспотовски. Во трката за Кичево влегува и независниот кандидат Шкодран Алили. Засега е неизвесно дали СДСМ ќе номинира кандидат за Кичево, зашто во партијата се поделени, односно еден дел смета дека треба да му дадат поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот круг, а дел сметаат дека треба да се истрча со свој кандидат.
Во бастионот на Албанците – Тетово, на актуелниот градоначалник Билал Касами од Вреди ќе му се спротивстави потпретседателот на ДУИ Бајрам Реџепи.
ЗНАМ ги напаѓа „општините на СДСМ“
Карактеристика за претстојните локални избори не само во албанскиот, туку и во македонскиот блок, е дека битката за локални шерифи ќе ја водат поранешни сопартијци. Така ЗНАМ атакува на општини каде актуелни градоначалници има СДСМ. За Куманово битката ќе ја бијат актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ Максим Димитриевски, кој ќе ја има поддршката и од ВМРО-ДПМНЕ, како и експратеникот Мартин Костовски од СДСМ. За Куманово се очекува кандидатура да поднесе и Европскиот фронт. Во Центар, пак, на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски од СДСМ ќе му се спротивстави заменик министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ.
Во Карпош, пак, изборните копја ќе ги вкрстат бизнисменот Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и докторката Маја Мојсова од СДСМ. Актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски се уште не се изјаснил дали ќе атакува на нов мандат во Карпош.
За Струга во трка влегуваат бизнисменот Менди Ќира, поддржан од Вреди, и лекарот Арсим Далипи, кандидат на Алијанса за Албанците на Зијадин Села кој ќе добие поддршка од Европскиот фронт. Во Гостивар, кандидат на Европскиот фронт од таборот на Арбен Таравари ќе биде актуелниот в.д градоначалник, Валбон Лимани, и независниот Висар Адеми, кој може да биде поддржан од Вреди.