
Гана е, или Македонија?
Кога депониите владеат со секојдневието, кога токсичните материјали ја загрозуваат животната околина, тогаш е идентична и состојбата на луѓето што живеат во нивната близина. И во Гана и во Македонија.
Кога на интернет го здогледав само делот од фотографијата со ридовите од смет и ѓубре, се сепнав. И во истиот миг ме исполни чувство на тага, немоќ и срам. Затоа што помислив дека еден од најголемите германски неделници известува токму за депониите околу Скопје! За ѓубрето во кое тоа веќе подолго време пропаѓа. А тоа не е за фалење… Кога ја отворив целата фотографија, брзо „се утешив“, зашто сфатив дека извештајот во онлајн-изданието на „Ди цајт“, пред една недела, се однесуваше на депонијата во еден кварт од главниот град на африканската држава Гана. Зошто мигновено помислив дека станува збор за депониите во пламен во Македонија? Затоа што тоа беше само ден-два по пожарот во депонијата со електронски смет во Трубарево. А таква хаварија во секоја европска земја е важна тема за јавноста, но, очигледно, и тоа во македонското секојдневие не е доволно драматично за да стане тема за европските медиуми. Можеби затоа што во ЕУ никого повеќе не го чудат такви вести од Македонија?
Препорачано
Самодеструктивни „бизнисмени“
И откако го прочитав извештајот, сето време ги гледав фотографиите со ридиштата од смет и си велев: Гана е, или Македонија? Сликата беше идентична! Кога депониите владеат со секојдневието, кога токсичните материјали, кои горат во нив, ја загрозуваат животната околина на луѓето, тогаш е идентична и состојбата на луѓето што живеат во нивната близина. И во Гана и во Македонија. Со горчина си се потсетував дека Гана е Африка, држава од „Третиот свет“, а македонските политичари, истите на кои не им пречи ѓубрето на скопските улици, се горди Европејци на збор, но не и на дело. Тие се упорни само кога ги убедуваат политичарите во ЕУ дека Македонија одамна ги исполнила сите услови да биде полноправна членка на ЕУ. Земјата со депонии во главниот град како во Гана?
Небаре Македонија е навистина земја во „Третиот свет“, во ова лето околу Скопје често гореа депонии. Затоа што македонските „бизнисмени со отпад“ нашле во горењето тони токсичен отпад начин да заработат пари без труд. Да се увезува токсичен отпад на други земји за да се гори во својата земја? Таа логика е апсурдна за секој човек со здрав разум. Тоа, пак, само докажува колку се глупави тие „бизнисмени“ кои, всушност, не се само насилници, туку и самодеструктивци, бидејќи не го загрозуваат само здравјето на своите сограѓани, туку и своето.
Трајно загрозено здравје за бедна заработувачка
Затоа има голема разлика помеѓу животот на луѓето во квартот-депонија Агбоглоши во главниот град на Гана, Акра, и животот на скопјани среде ѓубре. Имено, во квартот Агбоглоши, во Гана, живеат навистина најбедните, кои депонијата, која другите ја нарекуваат „Содом“, ја доживуваат како свој дом. Тие немаат друг дом, освен шупите што самите ги „закрпиле“ од истиот отпад. Тие дури се благодарни што смеат да живеат среде ридовите од електронски смет, зашто за нив тоа е единствената можност да заработат доволно за да преживеат самите и нивните фамилии. Затоа што друга работа за нив во Гана – нема. Затоа тие по цел ден ги палат електронските уреди од европските земји за да ја истопат пластиката и да ги ослободат жиците, особено бакарните, кои таму, во депонијата, имаат статус на „чисто злато“. Тие луѓе не се мрзливи како македонските депониски бизнисмени што избираат да се збогатат на нечесен начин. Затоа никој не може да ја обвинува „лошата ЕУ“, зашто корумпираните бизнисмени и во Македонија и во Гана свесно увезуваат милиони тони токсичен отпад.
Кој нормален човек би прифатил таква „зделка“? Тој сигурно тоа не го прави затоа што е многу сиромашен. Затоа што случајот на депониите во Гана покажува дека токму најбедните се „вредните мравки“, кои потоа со години живеат во тој свет на ѓубрето и, како што вели еден од нив во извештајот, учат од деца да дишат поинаку, за да не вдишуваат многу од отровниот чад, додека ја палат пластиката и другите токсични материјали. Тие како вистински мравки, макотрпно ги чистат и ги преработуваат неколкуте милиони тони смет, не мислејќи, притоа, дека за таа бедна заработувачка, трајно го загрозуваат своето здравје.
Автентичните вредности од минатото пропаѓаат
Напротив, во македонската метропола не живеат само најсиромашните, како во квартот во главниот град на Гана, среде ридови од секакво ѓубре. Всушност, и најпрестижните и најсиромашните делови од Скопје живеат со ридиштата ѓубре на улиците, во парковите, во реките, во шумите. И токму тоа е еден од апсурдите во Македонија. Во земјата, чиј главен град не може да се справи со организацијата на отстранувањето и рециклирањето на сопственото ѓубре, македонските депониски бизнисмени увезуваат милиони тони токсичен смет од европските земји и го депонираат каде што ќе посакаат. Во местата познати по земјоделската култура и градинарство, како Трубарево, во поранешен магацин на задругата, крај училиштето.
За мене најтажното сознание е тоа што земјата, чиј народ во минатото бил способен да ги изгради најубавите куќи во Охрид и Лазарополе, во Галичник и Крушево, да создаде неповторлива убавина на фрескоживописот во најубавите византиски цркви, со кои би се гордеела и би ги чувала како најголема скапоценост секоја културна нација, денес е и симболично загрозена во нејзината автентичност. Народот што умееше да го испее најоригиналниот, најпоетскиот фолклор, да ткае чудесни килими достојни за европски изложби, денес пропаѓа не само во ѓубре, туку и во кич, невкус, неписменост и нестручност. Сите автентични вредности од минатото пропаѓаат. Затоа сликата на македонското општество и во преносна смисла се депониите и купиштата ѓубре. Затоа што малкумина градат, а многумина уриваат и разградуваат, девалвираат и корумпираат.
Луѓето што ги сакаат чистотата, редот и одговорноста, убавината на секојдневието која, всушност, се состои во неговата совршена организација, не го оставаат ѓубрето крај преполните контејнери. Тие што, сепак, го оставаат, јавниот простор го сметаат за туѓ, а не за свој, како што го чувствуваа моите родители. Татко ми, кој метејќи го секој ден нашиот двор во Ченто, секогаш го метеше и тротоарот, би се згрозил од денешната слика на скопските улици. А така сигурно би реагирале и сите наши предци, старите скопјани, битолчани или охриѓани, зашто Македонците во минатото, нашите предци, со културното наследство што ни го оставија докажаа дека никогаш не биле мрзливи. Тие биле големи градители, со префинет вкус и култура.
Такви не се луѓето на кои денес им е важен само личниот интерес и личното богатство. Тие луѓе се израз на духот на егоизмот што, во комбинација со алчноста и криминалот, ништо друго не почитува и затоа ги остава да пропаднат вредностите од минатото. Ѓубрето е само видливиот знак за загрозеноста на темелите на кои некогаш се градеше и се чуваше македонската традиција, култура и заедништво.
Дојче веле
(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“