
Габриела Илиевска одби да го стави ребалансот на Коњановски на дневен ред за следната седница на Битолскиот совет
Претседателката на Советот на Битола,Габриела Илиевска за в среда на 23 август ја закажа 30-тата седница на Советот.
Препорачано
На дневниот ред за оваа седница се најдоа 46 точки, но, наспроти барањето на градоначалникот Тони Коњановски да се расправа и за новиот ребеланс на буџетот, кој тој го понуди по враќањето на ребалансот од страна на Министерството за финансии, претседателката на Советот, Габриела Илиевска одби да го стави новиот ребаланс кој деновиве го понуди Коњановски на дневен ред.
Според извори на “Слободен печат” денешната седница на координацијата на советничките групи пред одржувањето на седницата на Советот поминала во тензична атмосфера.
На сите настојувања на заменик градоначалникот на Битола, Бојан Бојкоски, Габриела Илиевска да го стави на дневен ред новиот ребеланс, таа одбила да го направи тоа и останала цврста на својот став да не го стави ребалансот на градоначалникот Коњановски на дневен ред.
За претседателката на Советот, Габриела Илиевска новиот ребаланс на градоначалникот Коњановски нема потреба да се стави на дневен ред на наредната седница на Советот, која ќе се одржи на 23 август, затоа што претходниот ребаланс, кој не беше прочитан од Министерството за финансии и кој што беше поголем за 116 милиони денари, беше усвоен едногласно од сите 29 советници меѓу кои беа и советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Габриела Илиевска останува цврста на својот став дека нема потреба од донесување на нов ребаланс, туку е потребно да се испочитуваат препораките на Министерството за финансии и работните групи, кои беа формирани од страна на советничките групи да ги вклопат прифатените амандмани во рамката на буџетот.
Со заклучоците од денешната координација станува повеќе од јасно дека претседателката на Советот на Битола Габриела Илиевска, како што изајви деновиве за “Слободен печат” нема воопшто намера не само да го разгледува, туку ни да го погледне новиот ребаланс на Коњановски.
Таа инсистира формираните работни групи од страна на сите советнички групи да ги вклопат прифатените амандмани на претходната седница и заедно со стручните служби на Општината, да ги вклопат во рамката.