Г. Петар: Бог ни го даде највиското нешто, образот, но ние го изгубивме

Бог со создавањето ни го даде највисокото нешто, образот и подобието, но, ние не го сочувавме, го изгубивме. Сега доаѓа Логосот Божји, прототипот на нашето создавање и го прима најниското, нашата природа, за да нè ослободи од трулежноста и за да го обнови садот кој се извалка и скрши, а исто така и за да нè ослободи од тиранијата на ѓаволот и да нè води кон нов живот, рече во своето Божикно послание митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар.

Христос со Своето воплотување, и преку Своите чуда, покажа дека е Господар над природата, човекот, идолите и демоните, односно, над сите нешта кои ние сме склони да ги обожуваме. Со тоа Христос не сакаше само да ни покаже кој е Бог – Господарот на небото и земјата, туку дека коренот на сите наши падови и страдања се наоѓа во погрешното обожување, насочено кон созданието наместо кон Создателот, нагласи митрополитот г. Петар.

– Ете, во нашата земја, иако се градат и осветуваат цркви за слава на Бога, истовремено и многу помасовно се отвораат казина, спортски обложувалници, разни ноќни клубови. На медиумите, а особено на интернет, иако е достапна  православна духовна и религиозна содржина, многу позначително е пребарувана и посетувана содржина со соблазнителен карактер, и друг духовен отров, кој подлабоко и од наркоманијата го загадува современото општество, а особено најмладите. Еден од тие духовни отрови е тој што индоктринира – дека денес модерно е да се биде „хуман” и „либерален”, да се биде подржувач на т.н. заедници и организации, кои пропагираат, наметнуваат свои права и слободи, притоа, газејќи и исмејувајќи се врз правата и слободата на различните од нив, особено врз религиозните, и уште подиректно, врз православните христијани. Ете, подржувањето на вакви создадени заедници, здруженија и организации, често и од јавни личности, кои имаат за цел искривување и изопачување на, од Бога дадениот образ, се смета за модерно и напредно, додека, пак, да се биде подржувач на Бога, на Црквата, на христијанските и семејните вредности, се смета за конзервативно и заостанато, посочи митрополитот г. Петар.

Во традиционалното Божикно послание, митрополитот г. Петар се осврна и на други актуелни општествени состојби и како што ги нарече богонеугодни дела, односно, да се посетуваат ноќни клубови, дискотеки и слични забавни места, каде се конзумира многу алкохол, а често и дрога, под дејство на создателот на неморалот – сатаната. Додека, пак, оние кои го посетуваат храмот Божји во неделите и празниците, посетуваат свети места низ православниот свет, се сметаат за примитивни и заостанати.

– Најмасовното обожување кон созданието е тоа кое е насочено кон парите. Укажуваме и нагласуваме дека не е грев да се биде богат со труд и чесност, да се создава богатство и со него да се прават добри дела за спасение на душите, туку такво обожување на богатството, кое доведува до криминал, мито, корупција, лихварство, луксуз, бандатизам и со кое се стигнува во пеколот. Браќа и сестри – имаме избор! Достапен ни е Создателот, духовното, возвишеното, вечното; достапно ни е и созданието, материјалното, трулежното, минливото. Наше е што ќе одбереме! Наше е кој или што ќе обожуваме! Наше е по кој пат ќе одиме и какви дела зад нас ќе оставиме, рече митрополитот г. Петар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!