
Француската војска се повлекува од Нигер, амбасадорот веќе си замина
Франција ќе започне со повлекување на војниците од Нигер оваа недела по државниот удар во оваа западноафриканска земја, што претставува пресвртница во напорите на западните земји да се спротивстават на деценискиот исламистички бунт во регионот Сахел.
Препорачано
„Ќе ја започнеме нашата операција за повлекување оваа недела, во добра состојба, безбедно и во координација со Нигер“, соопшти штабот на француската војска, пишува The Guardian.
Логистичката операција за преместување на 1.500 француски војници и голема количина воена опрема од Нигер до крајот на оваа година доаѓа една недела откако францускиот амбасадор го напушти Нигер под притисок на новиот воен режим, кој го собори про-парискиот претседател Мохамед Базум на 26 јули.
Францускиот претседател Емануел Макрон на 24 септември изјави дека Франција ќе ги повлече своите војници бидејќи нема да биде „заложник на пучистите“.

„Гардијан“ во анализитата пишува дека поранешната колонијална сила во Нигер продолжува да го поддржува Базум, а официјални лица во Париз рекоа дека не било можно да се обноват заедничките операции со нигериските сили против бунтовниците откако пучистите ја презедоа контролата врз земјата. Макрон ја нарече хунтата „сојузници на нередот“.
Француските војници се во Нигер како дел од пошироката борба против џихадистите низ регионот Сахел, а Париз веќе една деценија е на чело на операциите против исламистичките бунтовници во регионот.
Војниците што се повлекуваат сега се соочуваат со организациски предизвик за брзо повлекување. Ним ќе им треба покритие за да ги напуштат своите откриени напредни позиции, соопшти воениот штаб, веројатно вклучувајќи воздушна поддршка од поголеми сили во воздухопловната база надвор од главниот град Ниамеј.
Француските трупи во Нигер живеат во неизвесност откако хунтата почна да бара од нив да си заминат, со нередовни резерви на храна и повторени антифранцуски протести пред базата во Ниамеј.

Одлуката за повлекување остава дупка во напорите на Западот да се спротивстави на исламистичкиот бунт во регионот и задава удар на француското влијание што може да ѝ дозволи на Русија да го прошири своето влијание во областа. До пучот, Нигер беше последниот клучен западен сојузник во централниот регион Сахел јужно од Сахара.
Пучот се смета за најнова сериозна закана за стратегијата на Франција во Сахел, откако неколку воени удари во други земји веќе го принудија Париз да го преиспита своето воено присуство и антиџихадистичката мисија.
Франција првпат распореди трупи против џихадистите во Мали во 2013 година за време на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд, но во изминатите три години, неколку воени удари во регионот, како и континуираното присуство на џихадисти, ги открија ограничувањата на воената стратегија и ја принудија Франција да го намали своето присуство и да ги насочи своите напори кон Нигер, со Базума како цврст сојузник.