
Франција одлучи: Абортусот е уставно загарантирано право
Франција стана првата земја во светот која експлицитно го вклучи правото на абортус во својот устав.
Препорачано
Парламентарците гласаа за ревидирање на уставот на земјата од 1958 година за да се запише „загарантирана слобода“ на жените за абортус.
Огромниот број гласови од 780 „ЗА“ наспроти 72 „ПРОТИВ“ доживеаја овации во парламентот во Версај кога беше објавен резултатот.
Претседателот Емануел Макрон го опиша потегот како „француска гордост“ што испрати „универзална порака“.
Сепак, групите против абортусот силно ја критикуваа промената, како и Ватикан.
Абортусот е легален во Франција од 1975 година, но анкетите покажуваат дека околу 85% од јавноста го поддржа изменувањето на уставот за да се заштити правото да се прекине бременоста.
И додека неколку други земји ги вклучуваат репродуктивните права во нивните устави – Франција е првата која експлицитно изјави дека абортусот ќе биде загарантиран.
Станува 25-ти амандман на основачкиот документ на модерна Франција и прв од 2008 година.
По гласањето, Ајфеловата кула во Париз беше осветлена со пораката: „Моето тело, мојот избор“.
Отпорот на десничарите во парламентот не се оствари, но претседателот Макрон е обвинет дека го користи уставот за изборни цели.
Критичарите велат дека ревизијата не е нужно погрешна сама по себе, туку непотребна, и го обвинија претседателот дека се обидува да ја искористи ситуацијата за да ги зајакне своите левичарски акредитиви.
Од 1975 година законот е ажуриран девет пати – и во секоја прилика со цел да се прошири пристапот.
Уставниот совет на Франција – телото што одлучува за уставноста на законите – никогаш не покрена прашање.
Во пресудата од 2001 година, Советот го засноваше своето одобрување за абортус на поимот слобода содржан во Декларацијата за правата на човекот од 1789 година, која технички е дел од уставот.
Голем дел од правници во земјата пак велат дека абортусот веќе бил уставно право.
Уставната промена беше поттикната од неодамнешните случувања во САД, каде што правото на абортус беше отстрането од страна на Врховниот суд во 2022 година.