Евра/Фото: Miguel Perfectti / Alamy / Alamy / Profimedia

Франција лесно може да ја дестабилизира Еврозоната

Франција, со рекорден државен долг и растечки дефицит, станува најголем ризик за стабилноста на Еврозоната. Експертите предупредуваат дека кризата во Париз може да се прелее во целата ЕУ и да го доведе во прашање опстанокот на еврото. Непосредно пред да го изгуби гласањето за доверба во парламентот во понеделник, премиерот во заминување Франсоа Бајру им рече на пратениците:

– Имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста – истакнувајќи дека „веќе неподносливиот товар на долгот – се зголемува уште повеќе и станува сè поскап“- пренесе Каматица.

Долгогодишната политичка дилема на француските влади е дека секој обид за воведување мерки за штедење и економски реформи се соочува со отпор од партиите и од левицата и од десницата. Синдикатите веќе закажаа генерален штрајк. Останува неизвесно дали ќе има нови избори или дали претседателот Емануел Макрон ќе формира нова малцинска влада. Во апсолутни бројки, француската економија е најзадолжена во ЕУ, со национален долг од околу 3,35 трилиони евра, што е околу 113 проценти од БДП. Се предвидува дека до 2030 година тој долг ќе достигне 125 проценти од БДП. Покрај тоа, со буџетски дефицит од 5,4 до 5,8 проценти, Париз има најголем буџетски дефицит од сите 27 членки на ЕУ.

За да се постигне целта на ЕУ за намалување на дефицитот на три проценти, потребни се драстични мерки за штедење, кои во моментов се политички неизводливи. Како резултат на тоа, финансиските пазари веќе реагираа со повисоки каматни стапки на француските обврзници. Додека каматата на германските обврзници е околу 2,7 проценти, француската влада мора да плати речиси 3,5 проценти.

Економистот Фридрих Хајнеман од Центарот за европски економски истражувања „Лајбниц“ во Манхајм смета дека треба да се грижиме за стабилноста на еврото.

– Еврозоната во моментов не е стабилна – наведува тој, додавајќи – мора да се запрашаме каде води сето тоа, ако голема земја како Франција, која во последните години бележи постојан пораст на односот долг-БДП, сега се соочува и со политичка дестабилизација.

Тој верува дека пазарите не само што се повеќе вознемирени поради надежта дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе купи француски обврзници, туку предупредува дека оваа надеж може да биде лажна, бидејќи таков потег би го загрозил кредибилитетот на ЕЦБ.

Хајнеман верува дека дел од одговорноста лежи кај Европската комисија, која „замижала пред едното, па дури и пред двете очи кога станува збор за Франција“.

– Ова беа политички компромиси водени од стравот од зајакнување на популистите – објаснува Хајнеман и додава дека Франција, исто како и Германија, итно има потреба од реформа на социјалниот систем и намалување на државните трошоци, но се сомнева дека француската политика може да постигне консензус за ова.

– Со оглед на тоа што популистите од левицата и десницата стануваат посилни, не гледам дека ова е можно. Центарот се стеснува. Затоа сум песимист кога станува збор за Франција и не гледам решение – истакнува тој.

Ендру Канингем, европски економист од лондонската компанија „Капитал економикс“, смета дека ризиците за другите европски пазари засега се подносливи. Сепак, тој предупредува на можно ширење на кризата ако француската ситуација се продлабочи.

– На крајот на краиштата, Франција е втора најголема економија во Еврозоната, со длабоки трговски и финансиски врски со своите соседи, а е и водечка политичка сила во ЕУ – потсетува Канингем и нагласува дека кризата во Франција би можела да ја доведе во прашање самата одржливост на европскиот проект.

Актуелната политичка криза во Франција доаѓа во лошо време за ЕУ, која е во конфликт со САД околу трговската политика, а Хајнеман предупредува дека тоа би можело да доведе до целосна трговска војна, дополнително влошувајќи ја должничката криза на земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот