
ФОТО+ВИДЕО | Значајно признание: Нашата Елена Васова ја доби регионалната музичка награда „Милан Младеновиќ“
Македонската пејачка Елена Васова е годинашна добитничка на престижната награда „Милан Младеновиќ“. Признанието ѝ беше врачено во неделата, на 21 септември, во рамките на фестивалот „Модро и зелено“, што го организира Задужбината „Милан Младеновиќ“.
Препорачано
Родена во Скопје во 2000 година, Васова својата музичка патека ја градела преку настапи во хорови, опери и концерти. Во конкуренција за наградата учествуваше со песната „Љубов“, создадена заедно со Ненад Стефановски и Ади Имери, а во проектот се вклучија и Петар Лукиќ, Мартин Џорлев и Милош Спасов.
„Фала ви многу. Јас навистина не го очекував ова. Не знам искрено што да кажам. Ви благодарам што давате еден простор и платформа и не’ препознавате – ‘the underdogs’. Ние, што сакаме нешто да направиме, да кажеме нешто искрено и да шириме љубов. Ви благодарам!“, изјави младата уметница по добивањето на наградата.

Наградата се доделува секоја година на 21 септември, роденденот на Милан Младеновиќ, фронтменот на „Екатерина Велика“. Ова е трета година по ред како церемонијата се одржува во Макарска, град со особено значење за животот и инспирацијата на Младеновиќ.
Покрај паричната награда од 3.000 евра, Васова доби и уникатна статуетка, изработена во соработка со „Футро дизајн студио“, како и можности за настапи на значајни регионални фестивали.
Од основањето, наградата им е доделувана на повеќе истакнати изведувачи: белградскиот бенд „Артан Лили“ (2019), групата „д р а м“ (2020), „Ана енд Д Чејџес“ (2021), македонската пејачка Дина Јашари со песната „Дома“ (2022), групата „Љубичице“ од Панчево, како и хрватскиот состав „Немечек“, кои вечерта ја предадоа статуетката на новата добитничка.
Конкурсот за наградата, под мотото „Пријави го своето дело“, годинава беше отворен од 1 до 31 мај. Во него можеа да учествуваат автори и изведувачи од сите земји на поранешна Југославија со песни на јазиците од регионот, вклучувајќи ги и малцинските.
Задужбината ја воспостави оваа награда со цел да го поттикне создавањето музика што ги носи уметничките вредности и духот на Милан Младеновиќ.