Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев

ФОТО+ВИДЕО | Прошетка на Калето на сопствен ризик, нема кој ниту тревата да ја искоси

Од Министерството за култура и туризам, на прашањето до каде се работите на Калето и зошто сѐ уште не е уредено, велат дека се прават подготовки, дека е изработена техничка спецификација за санирање на оштетувањата на музеите, но нема конкретен одговор кога сето тоа ќе се заврши.

Скопското Кале, еден од најзначајните културно-историски споменици во градов и локација која е задолжителна на мапата на посети на туристите во Скопје, кои од година во година ги има сѐ повеќе, е целосно запуштена. Поточно, локалитетот е официјално затворен за посетители уште од 2011 година кога таму се случија меѓуетнички судири поттикнати од веста дека на Кале ќе се гради црква. Сепак и понатаму доаѓаат ретки посетители и домашни и странски, но и ученици кои групно се носат во функција на училишната настава.

Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Но, она што ќе го затекнат на Калето е друга приказна. Освен прекрасниот поглед на градот, глетка која за среќа не може никој да ја уништи, ниту пак нечија негрижа, сето друго кое е оставено на грижа на луѓето и институциите е срамно и небезбедно за секој кој самоиницијативно ќе прошета на овој простор. Тревите се високи по еден метар, а дивоизраснати грмушки се обраснати околу патеките, што значи секој посетител треба да се движи внимателно затоа што на пролетното сонце и змиите сакаат да се топлат. На локалитетот нема табли со информации, нема патокази, искршени се клупите за седење и корпите за отпадоци, дрвените мостови се распаѓаат. Целиот простор делува запуштено и тажно.

На Калето не се гради црква, туку во 2011 почнаа да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период. Иако два од нив се завршени, а третиот е недоизграден, ниеден не е отворен, што е разбирливо поради „џунглата“ со која се опкружени.

Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Уште есента во посета на Калето беше министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со раководните луѓе на Управата за заштита на културното наследство, па и тие на лице-место можеа да се уверат и да констатираат дела тврдината е целосно запуштена, дека изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот период се целосно запоставени и со видливи оштетувања. Музејот пак во кој во иднина треба да се изложуваат археолошките предмети од средновековниот период, којшто не е дограден, е целосно обраснат со вегетација. При посетата беше констатирано дека во последните седум години воопшто не е инвестирано за какви било интервенции за непосредна заштита, односно за конзервација на откриените објекти.

Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Министерот Љутков, согледувајќи ја ужасната запуштеност на значајната тврдина вети дека калето ќе се уреди, ќе се ревитализира и дека некаде на пролет ќе биде подготвено за посети. Пролетта дојде и речиси сме на прагот на летото, а на Кале ништо не е променето.

На прашањето до каде се работите и зошто сѐ уште не е уредено, оттаму велат дека се прават подготовки, дека е изработена техничка спецификација за санирање на оштетувањата на музеите, но нема конкретен одговор кога сето тоа ќе се заврши.

Информираме дека Управата за заштита на културното наследство, согласно одредбите во Законот за заштита на културното наследство го разгледува Елаборатот за ревалоризација на Споменикот на културата – Скопска тврдина „Кале“ со кој ќе се утврдат границите на Споменичката целина Скопска тврдина Кале, нејзината контакна зона, ќе се уреди режимот на заштита и управувањето со Скопската тврдина Кале.Со оглед на тоа што Скопското Кале беше целосно запоставено во периодот од 2017 до 2024 година, а заради ставање во функција на објектите Музеј на праисторија и Музеј на османлискиот период, изработена е техничка спецификација со која ќе се репариират и санираат оштетувањата и со тоа ќе се подготват за изложување на археолошките артефакти пронајдени на Скопското Кале – велат од Министерството.

Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале – Фото Слободен печат / Методи Здравев

Одговорот на Министерството не дава ниту навестување кога нешто ќе се подобри на просторот кај тврдината, а од Управа за заштита на културно наследство
потврдуваат дека НУ Национален конзерваторски центар доставила Елаборатот за ревалоризација..

Управата за заштита на културното наследство формира комисија која во моментов врши ревизија на доставениот Елаборат за која ќе достави Извештај од извршената ревизија. Врз основа на Извештај од извршената ревизија Елаборатот за ревалоризација на Споменикот на културата – Скопска тврдина “Кале” ќе биде вратен на доработка или ќе се започне со постапка за прогласување на Споменикот на културата – Скопска тврдина „Кале“ за културно наследство од особено значење со кој ќе се утврдат границите на доброто, контактната зона, режимот на заштита, управуањето итн – вели директорката Весела Честоева.

Скопско кале - Фото Слободен печат / Методи Здравев
Скопско кале – Фото Слободен печат / Методи Здравев

И додека траат активностите околу елаборатот, неговата евентуална доработка и слични процедури, речиси е несфатливо зошто еден ваков значаен објект, чии ѕидини се изградени уште во византиско време, во шестиот век, а остатоци од населби на Калето датираат од неолитот, сѐ уште не е прогласен за културно наследство од особено значење.

Токму за вакви објекти, кои сведочат за историјата и културата која во далечното минато се одвивала на овие простори, во земјите во светот се води особена грижа. Кај нас, со години никој не се нафаќа ниту тревата да ја искоси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот