
ФОТО+ВИДЕО | Македонија е кандидат за организација на Светскиот собир на спачеци во 2029 година
Љубителите на популарниот француски автомобил 2CV (спачек), кои се членови на скопскиот 2CV клуб, вчера на 25. Светски собир на спачеци, што се одржува во Постојна, Словенија, ја претставија својата кандидатура за организација на 27. Светски собир на спачеци во 2029 година.
Препорачано
Повеќе од седум илјади посетители на Светскиот собир на спачеци, имаа можност на македонскиот штанд да пробаат од македонските специјалитети, ајвар, сирење, кашкавал, сланина, домашна ракија и македонско вино. Македонските претставници подготвија и 10 килограми грав кој со воодушевување го пробаа љубителите на спачеци од целиот свет.
Секако, на македонскиот штанд беа делени и промотивни материјали за убавините на Македонија, за што беше покажан огромен интерес.
Синоќа, македонската делегација и официјално ја претстави својата кандидатура, на која беше промовиран и специјалниот видео спот со убавините на Македонија.
За собирот во 2029 година, покрај Македонија, кандидати се Чешка, Франција, Полска и Летонија, а гласањето ќе биде утре.
Светскиот собир на спачеци, кој се одржува на секои две години, се издвојува по својата масовност и уникатност. На ваквите собири доаѓаат и повеќе од четири илјади спачеци од целиот свет и во текот на тие пет дена се организираат различни видови активности, забави и дружења.







