Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

ФОТО+ВИДЕО | Дебармаалците се „за“ спуштање рампи во населбата за викенд

Во скопската населба Дебар Маало, која со децении е епицентарот на сообраќајниот хаос во Скопје поради бројните кафулиња, ресторани и останати угостителски објекти, можно е Општината да го ограничи сообраќајот за викендите со цел да се намали метежот на дебармаалските улици и паркинзи. Во анкетата на „Слободен печат“, сите анкетарани го искажаа своето задоволство за овој проект и едногласно поддржуваат поставување рампи за викенд како превентивна мерка за решавање на огромниот проблем со паркинг и сообраќаен метеж во населбата.

Општина Центар, како одговор на долгогодишните реакции од граѓаните што живеат во овој дел на градот, подготвила пилот-проект кој предвидува ограничување на движењето на возилата во внатрешноста на Дебар Маало за време на викендите.

Наскоро во населбата би се воспоставила тест-зона за нов сообраќаен модел, кој треба да донесе повеќе ред, тишина и безбедност за жителите. Планот предвидува строга контрола на сообраќајот од петок во 18 часот, па сè до 6 часот наутро во понеделник која првично ќе трае шест месеци.

Во овие денови, влезот во зоната да биде дозволен само за жителите што ќе имаат посебна дозвола. Другите возила ќе имаат право да влезат, но само доколку излезат од зоната во рок од 15 минути. Во спротивно, ќе следуваат казни.

Овој проект предвидува слободен транзитен сообраќај, но не и долготрајно паркирање или престој на автомобилите повеќе од 15 минути, освен за автомобилите на луѓето кои живеат во околните згради.

Дебармаалците со поддршка за проектот

„Слободен Печат“ направи анкета во која ги праша Дебармаалци какво е нивното мислење за оваа идеја и дали ја поддржуваат или не.

Во анкетата која што ја направи нашата колешка Јована Трајковска, сите испитаници едногласно рекоа дека го поддржуваат овој предлог.

– Сметам дека е добра идеја, бидејќи има многу сообраќај, возилата се паркираат како што сакаат и сметам дека ова е добар предлог и се надевам дека ќе успее – вели една девојка.

Анкетираните ги споделија и своите искуство околу секојдневната потрага по паркинг места.

-Понекогаш веднаш наоѓам паркинг, а понекогаш барам паркинг и по половина час – изјави една млада девојка.

-Ние го продадовме автомобилот, баш од таа причина бидејќи беше проблем паркингот, иако имавме опција за паркирање како резиденти на Дебар Маало, но пак не можевме да најдеме паркинг- сподели една повозрасна госпоѓа.

Планирано е проектот да се спроведе во три фази, а во првата фаза ќе се воспостави затворен круг помеѓу улиците Орце Николов, Климент Охридски, Партизански одреди и 29 Ноември (кај Градежен факултет). Во овој дел ќе бидат поставени електронски контроли со рампи и безжичен систем на надзор, кој ќе го регулира влезот и излезот на возилата.

ВИДЕОАНКЕТА | Што мислите за ограничувањето на сообраќајот во Дебар Маало?

Секое возило ќе има дозвола да влезе само еднаш, а пред повторен влез ќе мора претходно да ја напушти контролирана зона, а за улиците што се слепи и не овозможуваат поставување рампи, ќе се воведе безжична контрола со мобилна апликација. Жителите ќе можат бесплатно да ја отворат рампата со повик до одреден телефонски број, што ќе биде поврзан со регистарскиот број на нивното возило.

Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Во оваа фаза ќе биде дозволен пристап до паркинзите кај улиците Орце Николов, Аминта III, Ленинова и 29 Ноември за потребите на сите посетители.

Според информациите од Општината, проектот ќе биде доставен до Град Скопје, а потоа ќе биде проследен до СВР Скопје за конечна согласност.

Доколку биде одобрен, пилот-проектот ќе стартува и ќе трае шест месеци, а потоа, во зависност од задоволството кај жителите и ефективноста на овој викенд-режим, предвидено е продолжување на тест периодот на уште една година. Ако и тогаш се покаже како корисен за жителите, овој модел ќе премине во трајно решение за ограничување на сообраќајот во Дебар Маало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот