Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

ФОТОГАЛЕРИЈА | Три години од македонското членство во НАТО

Со интонирање на македонската и химната на НАТО, преку дефиле на ешалоните и примопредавање на македонското знаме, со показни вежби на полкот за специјални операции но и свечен прелет на два борбени авиони „Ф-16“, денес во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа централна свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.

Премиерот Димитар Ковачевски, пред присутните во касарната Илинден нагласи дека со членство во Алијанската Македонија повеќе не е сама а влезот во НАТО е излез од несигурност.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

– Дваесет и седми март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. Денеска ние сме НАТО. Ја остаривме едногласната одлука на нашето Собрание и идејата на нашите предци, кои се бореа да сме еднакви со најразвиените. Успеавме да се избориме на овој пат со носење храбри, државнички и тешки одлуки“, изјави Димитар Ковачевски.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска рече дека е горда за сите учества на Армијата во мировните мисии и придонесот што го даваме за унапредување на мирот во светот. Армијата се модернизира и развива со забрзано темпо и денес сме во чекор со нашите НАТО-сојузници.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

„Чекавме долго за да можеме да кажеме ние сме НАТО, ние сме заедно и посилни, ние сме сојуз на 30 еднакви нации кои ги поврзуваат вредностите кои ги живееме. Согласно плановите нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од 2 проценти од бруто домашниот производ алоциран за одбраната веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме“, порача Славјанка Петровска.

На свеченоста се обрати и началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски кој рече дека членството во НАТО е важен чекор кон зајакнување на мирот и стабилноста во државата.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

„Од нашиот пристап и исполнување на сите задачи во воениот дел покажавме дека сме сигурен и одговорен партнер кој стандардите во обуката и интероперабилноста ги оствари многу порано од нашето полноправно членство а кое го потврдуваме и во изминатите три години“, додаде Васко Ѓурчиновски.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Пред три години Македонија стана 30-та членка на НАТО откако претходно Собранието го усвои северноатлантскиот протокол со што беше остварен последниот чекор кон зачленувањето во алијансата.

Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот