Фото: МЕРМС

ФОТО | Занаетчиите ја поддржаа иницијативата на Божиновска за заштита на македонскиот рубин – министерката ќари „Македонски клуч“

Занаетчиите истакнале дека се подготвени активно да се вклучат во заштитата и промоцијата на македонскиот рубин, но побарале институционална поддршка за намалување финансиските пречки, особено на високите сметки за струја. Тие дополнително апелирале за програми што ќе мотивираат млади да се насочат кон занаетчиството за да се зачува оваа традиција во изумирање.

Националната комора на занаетчиите на Македонија јавно ја поддржа иницијативата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за институционална заштита на македонскиот рубин – единствениот природен рубин во Европа, кој се вади и обработува само во Прилеп и во Мариово.

Како што соопшти Министерството, на средбата со министерката присуствуваа претседателот на Комората Агрон Фазлији, членката на надзорниот орган Соња Вељанова, директорката на Републичката комора, Јелена Спасова, и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко.

„Претставниците на Комората оценија дека институционалната заштита што ја иницира министерката ќе внесе ‘силен ветер во грб’ на македонското занаетчиство. Тие посочија дека уникатни рачно изработени парчиња накит и уметнички дела со македонски рубин ќе ја претставуваат земјата пред светот, како автентичен симбол на нејзиното природно и културно наследство“, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Во знак на благодарност, министерката добила симболичен подарок – рачно изработен „Македонски клуч“ со вградени минерали од македонската почва, дело на Соња Вељанова, кој претставува симбол на доверба и заеднички напори за зачувување на националното богатство.

Фото: МЕРМС

Занаетчиите нагласиле дека се подготвени активно да го поддржат процесот за заштита и промоција на рубинот, но побарале и институционална помош за олеснување на административните и финансиските бариери, вклучувајќи ги високите трошоци за струја. Дополнително, побарале програми што ќе привлечат млади луѓе кон занаетчиството за да се спречи исчезнување на оваа традиција.

Министерката Божиновска ја потврди својата посветеност кон афирмацијата на македонскиот рубин и ја нагласи улогата на занаетчиите како чувари на националното наследство, порачувајќи дека Македонија мора да ја зачува својата автентичност, да го поддржи творештвото и да овозможи иднина во која традицијата ќе живее преку нови генерации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот