Фото: Принтскрин-Инстаграм

ФОТО | Во чест на неговата мајка и жртвите од пандемијата: Александар Стојков на велосипед ќе помине 2500 километри низ 6-те држави од поранешна Југославија

Александар Стојков од Свети Николе дели иста болка со 8.898 семејства кои загубија член/ови од семејствата поради ковид – 19. Од 21 март до 5 април Стојков на велосипед ќе пропатува низ поранешни југословенски републики во чест и спомен на мајка си Вера, но и на сите кои ги загубија животите во пандемијата.


Идејата за ваков спортски предизвик, Стојков ја добил кога починала мајка му, бидејќи не успеал да го исполни ветеното, да ја прошета по местата каде што работи. Сето тоа го мотивирало да осмисли аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава.


Стојков е успешен регионален деловен човек со потекло од Македонија, а пандемијата на коронавирусот го спречи да ги оствари сите планови.

„Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, подзаборавени или изместени во последно време, враќање на соработката, разбирањето и љубовта од секаков вид, кои некогаш ги имаа, а денес помалку ги практикуваат народите кои живеат на овие простори. Да покажеме дека границите може да ограничат еден простор или држава, но не можат да нè делат и да не спречат да се почитуваме“, стои во најавата за турата.

Оваа година, на првото издание, единствен учесник ќе биде Стојков, кој ќе вози во 15 етапи со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.

Тој се надева дека „Вера тур“ ќе прерасне во традиционална трка, пандан на француската (Тур де Франс), италијанската (Џиро д’Италиа) и шпанската (Вуелта а Еспања).

Велосипедски експерти во форма на стручен тим, медицински тим и едно возило со најблиските од семејството ќе го следат Стојков за време на неговото патешествие. На секоја етапа одделно, ќе го следат најдобрите велосипедисти и репрезентативци од секоја земја, каде што ќе поминува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот