Фото: Драган Каракаш

ФОТО + ВИДЕО | Топол звучен бран од „Ван Гог“

Минатата недела во петокот на 9 август во рамките на „Prilep Beer Weekend“ а во организација на „Ивент груп“, настапи познатиот рок состав „Ван Гог“ од Белград. Бендот се претстави во ново – стара постава во состав: неизоставниот бенд лидер Звонимир Ѓукиќ Ѓуле – вокал и гитара, Србољуб Радивојевиќ – тапани, Драган Ивановиќ – клавијатури, акустична гитара и на бас гитара – егзотичната Niuvys Samdurine Perez, по потекло од Куба, која се приклучи на групата „Ван Гог“ на 8 март 2024 година и со своето музицирање и појава го збогати сценскиот и музичкиот израз на бендот.

Ван Гог/ Фото: Драган Каракаш
Ван Гог/ Фото: Драган Каракаш
Ван Гог/ Фото: Драган Каракаш
Ван Гог/ Фото: Драган Каракаш

Настапот на „Ван Гог“ се одвиваше пред неколку илјади луѓе кои во текот на предвиденото време за настап на бендот унисоно ги пееја песните ,,Анѓеле мој брате“, „Коло“, „Неко те има“, Списак разлога“, „ Басна“, „За године твоје“, „Мама“, „Танка нит“, „За сузе нема времена“, „Киселина“, „Емотивно миниран“, „Скачем, скачи“ и многу други песни од репертоарот на бендот. Атмосферата на концертот беше вообичаена за стандардниот перформанс на „Ван Гог“, а тоа се силниот емотивен набој, насмевка, почит кон публиката, по некоја реченица за борба против шундот и слух за генерациите што доаѓаат. Дојде време чистиот рокенрол да биде мејнстрим. Се разбира дека на концертот присуствуваа и моторџиите од Куманово со нивниот мото клуб „Мечки“, кои не пропуштаат ниту еден концерт на „Ван Гог“ на територијата на нашата земја и во соседството. „Ван Гог“, „над стандард“ како и секогаш на секој концерт, без разлика дали настапува во ексклузивен клуб или стадион; сите беа облечени во бел аутфит (карактеристичен за лето), а познатиот звук на бендот се доби веднаш по првите тактови на воведната песна кога препознатливиот вокал на Ѓуле со неговите автентични гитарски рифови го засече воздухот. Не треба да се наведува дека сето доживување на нивниот настап е производ на високата професионалност и водење на сметка за најситни детали кои го красат секој нивен перформанс. Вистински креативци и врвни професионалци на дело.

Во разговор со Ѓуле добивме информација од прва рака дека бендот моментално работи во студио, каде што ја завршува работата на новиот албум; паралелно со студиската работа, бендот подготвува и снима спотови за секоја нова песна од најавениот албум. Бендот – првиот видео спот, радио-синглот ќе започне да го промовира во септември годинава. Како што „наслушнавме“ , по долго време, во средината на октомври 2024 година групата „Ван Гог“ ќе ја претстави својата музика на својата публика на концерт во Скопје. Со нетрпение ги очекуваме да ни донесат „нов звук и хук“ како вели Ѓуле. Дотогаш, да им посакаме непресушна креативна енергија и добри вибрации од Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот