
ФОТО | „Музеј на прашина“: Млади уметници со изложба алармираат за спомен-куќата на Лазар Личеноски
Куќата на легендарниот македонски уметник се распаѓа, а дворот е обраснат во трева, велат уметниците Михаил Паскоски, Сара Митковска, Евгенија Трајковска и Миро Костовски, кои по вторпат со изложба се обидуваат да ги „разбудат“ институциите
Три години по изложбата која ја организираа во знак на револт поради негрижата на институциите кон спомен-куќата на легендарниот Лазар Личеноски, млади македонски уметници повторно го креваат гласот за состојбата во која се наоѓа спомен-куќата под Скопското Кале.
Препорачано
Тие сега, придружени од уште еден колега, поставија нова изложба, која ја нарекоа „Музеј на прашина“. Велат дека обратиле до институциите, но тие ги игнорирале.


„Пред три години на ова место се одржа првата изложба во „Музејот Лазар Личеноски“. Изложбата беше за незадоволството кон институциите за заборавената спомен-куќа на македонскиот доајен Лазар Личеноски. И еве, три години по таа изложба… нема што многу да се каже – куќата се распаѓа, а дворот е канта на Пласет и обрасната со големи треви“, велат младите уметници Михаил Паскоски, Сара Митковска, Евгенија Трајковска и Миро Костовски.

„Денес, дел од таа иста група револтирани поради состојбата на тој храм на културата, решивме да направиме една активистичка изложба во дворот на куќата. Изложбата и спомен куќата ги именувавме „Музеј на прашина”, велат уметниците, кои најавуваат дека ќе продолжат со акција која треба да ги „разбуди“ институциите за наследството на Личеноски и неговиот спомен-дом.


