Фото: Инстаграм/„Тајм“

ФОТО | Според „Тајм“: Ед Ширан, Деми Мур и Снуп Дог меѓу 100-те највлијателни луѓе за 2025 година

Иако сме само во април, некои од најголемите имиња во музичката индустрија веќе оставија длабока трага оваа година. Меѓу нив се британскиот пејач Ед Ширан, ѕвездата на корејскиот состав „Блекпинк“ – Розе, како и хип-хоп легендата Снуп Дог, кои се најдоа на престижната листа на највлијателни луѓе во светот за 2025 година, објавена од американското списание „Тајм“.

На листата, која секоја година вклучува сто личности што со своето делување го менуваат светот, оваа година се најдоа и музичари како Хозиер и Никол Шерзингер, актери како Адам Скот, Кристен Бел, Деми Мур, Адријен Броуди и Блејк Лајвли, но и спортисти, политичари, уметници и иноватори од различни области.

Покрај славните имиња од светот на забавата, на листата се вклучени и спортистките Серена Вилијамс и Симон Бајлс, како и политичките фигури Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс, Роберт Кенеди помладиот и Илон Маск.

Фото: Инстаграм/„Тајм“

Секоја личност на листата е претставена преку краток текст напишан од колега или познавач. Така, австралискиот актер Крис Хемсворт за Ед Ширан напиша дека тој поседува речиси натприродна способност да се поврзе со луѓето преку музиката, а притоа останува еден од најскромните и најдобронамерни луѓе што ги запознал.

Актерката Лили Колинс се потсети на првата средба со Розе на модна ревија во Париз, опишувајќи ја како храбра, самоуверена и мошне талентирана изведувачка и текстописец.

Младата ѕвезда Ноа Кан, пак, за Хозиер напиша дека неговата музика има моќ да ги промени животите на луѓето, а тој е благодарен што светот може да ужива во неговиот талент.

„Не сум сигурен како ќе ми се одвиваше животот ако не ја откриев неговата музика. Хозиер, ти благодарам што ја споделуваш твојата дарба со нас“, напиша Кан.

Фото: Инстаграм/„Тајм“

Новинарката Хода Котби му посвети текст на Снуп Дог, истакнувајќи дека тој е човек кој знае да го зграпчи вистинскиот момент и дека повеќе од три децении со својата енергија и присутност шири радост и топлина кај милиони луѓе ширум светот.

„Има нешто во врска со него што ми прави, а и на милион негови обожаватели, да се чувствувам сакано и среќно“, напиша Котби.

Списанието „Тајм“ секоја година објавува листа од 100 највлијателни луѓе, а меѓу минатогодишните добитници се најдоа Дуа Липа, Кајли Миног, Џек Антоноф и други познати имиња од светската сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот